Македонија
11. February 2020 - 12:34

Спасовски – Жидан: Членството на Македонија во НАТО е голема победа, силна поддршка и исчекор во евроинтеграциите

 
Влегувањето на Република Македонија во НАТО е голема победа, силна поддршка и исчекор во евроинтеграциите, било истакнато на денешната средба на премиерот Оливер Спасовски со претседателот на Државниот Збор на Република Словенија, Дејан Жидан.
 
На средбата, како што соопшти владината прес – служба, присуствувале и вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, заменикот  министер за надворешни работи Андреј Жерновски, претседателот на Комисијата за европски прашања на Државниот Збор на Словенија Игор Печек, претседателката на Групата за пријателство меѓу двете држави Ива Димиц, аташето за внатрешни работи при словенечката амбасада во Скопје Бранко Скрбник и амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Милан Јазбец.
На средбата била изразена силна поддршка од Република Словенија за постигнувањата на нашата држава на реформски план, во добрососедските односи и за интеграциите во НАТО и во Европската унија.Констатирано е дека влегувањето на нашата земја во НАТО е голема победа на Република Македонија, со оглед на условите што треба да ги исполни една држава за да стане земја членка на Алијансата.
 
Република Словенија, како што било нагласено, активно го поддржува отворањето преговори на нашата држава со Европската Унија. Споделени се искуства од Словенија за евроинтеграциските процеси и во таа насока упатен е апел до граѓаните на Република Македонија да продолжат да веруваат дека тоа е правиот пат за земјата, којшто не е лесен, но носи подобрување на животот за сите. Констатирано е дека носењето на Законот за јавно обвинителство и отворената расправа за новата методологија на ЕУ во Унијата за прием на нови земји членки, се позитивни сигнали за натамошните определби кон проширувањето и европските перспективи на земјава.
 
Премиерот Спасовски се заблагодарил за континуираната поддршка на Република Словенија во сите важни демократски процеси на нашата држава, како и во евроатлантските процеси.
 
 
-Работиме да дадеме дополнителни позитивни аргументи дека нашето место е, како во НАТО, така и во Европската унија. Република Македонија покажа дека може да решава специфични предизвици низ дијалог и да ја задржи јасната визија кон каде е определена да се движи, а тоа се интеграциите во НАТО и ЕУ. Ова се европски вредности покажани на дело и силна порака за целиот регион, чие што признание од Европската унија ќе биде успех за сите, и за нашата земја, и за регионот и за самата Унија, посочил премиерот Спасовски.
 
На средбата било констатирано дека Република Македонија и Република Словенија имаат пријателски односи во растечки тренд, без оптоварување со ниту едно билатерално прашање, што значи отворен простор за унапредување на соработката во економијата, земјоделството, животната средина, културата.
 
Заеднички е заклучено, како што стои во соопштението, дека денеска потпишаниот Меморандум за развој и соработка меѓу владите на двете држави, за периодот 2020-2021 година е пример на добрата соработка.
 
Потписниците на меморандумот, вицепремиерот Бујар Османи и словенечкиот амбасадор, Милан Јазбец, по потпишувањето информираа дека станува збор за два милиона евра што Владата на Република Словенија ги дава на Република Македонија за кофинансирање инфраструктурни објекти, како што е водоснабдувањето во некои општини, како и за поддршка на цивилниот сектор во евроинтеграцискиот процес.
 
Посебно е нагласено дека продолжува можноста, средношколци од нашата земја да можат да студираат во Словенија под исти услови како словенечките млади луѓе, со што се отвора можност за зголемување на бројката од околу 1000 студенти од Република Македонија, кои веќе студираат во Република Словенија.