Македонија
7. February 2020 - 12:01

Спасовски: Закон за јавно обвинителство може да се донесе до распуштањето на Собранието

– Се уште сум оптимист дека ќе преовлада  разумот кај политичките субјекти и кај пратенците и сметам дека има простор да се изнајде решение и актуелниот парламентарен состав да го донесе законот за јавно обвинителство, посочи денеска премиерот Оливер Спасовски.

-Ако можеше овој парламентарен соствав да направи низа чекори и да влече многу храбри потези кои значеа гарантирање на остварувањето на националните заложби, тогаш не гледам причина зошто да не може да се издигне на нивото на задачата и да биде изгласан закон за јавно обвинителство и со тоа да дадеме уште еден позитивен аргумент пред Европскиот совет зошто треба да ги започнат преговорите за членство. Многу е важно да покажеме минимален национален консензус, а тоа значи минимум одговорност пред граѓаните затоа што се наоѓаме во фаза на остварување на нашите национални интереси – членството во НАТО и почетокот на преговори со Европската Унија. Би било крајно неодговорно пред граѓаните од кого било да наоѓа изговори кои се поткрепа на лични, партиски и бизнис интереси визави интересите на граѓаните, рече Спасовски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека граѓаните ја платиле најголемата цена во битката за остварување на нашите национални интереси од осамостојувањето на државата до денеска зашто, како што посочи, постојано сме во некакви реформи и транзиции за да се оставарт членството во НАТО и ЕУ.

-Во моментите кога сонот треба да стане реалност и кога овие генерации ќе го живеат треба да имаме преголема одговорност, а не само задоволство. Секојдневно разговараме со министрите и пратенциите за  изнаоѓање решение за овој проблем. Кога ќе проценам ќе свикам седница на Влада за да го поминеме законот и да го доставиме до Собранието. Тоа може да се случи во секој момент во денот и ноќта се до распуштањето на Собранието, потенцира Спасовски