Македонија
16. February 2016 - 18:51

Спасовски во посета на полициските станици во Струга и Дебар

Намалено ниво на криминал и зголемена ефикасност кај полицијата е оценката од денешната средба на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со претставници на Секторот за внатрешни работи - Охрид, што се одржа во Полициската станица во Струга.

-  Очекувам дека тој тренд треба да го негуваме сите заеднички. За тоа ќе треба соработка и од граѓаните, но и добра работа од страна на полицијата. Пред се полицајците мора да бидат во функција и во остварувањето на интересите на граѓаните, а сите ние да им помогнеме во однос на овој дел,  изјави Спасовски по средбата.

Преку средбите со претставниците од секторите за внатрешни работи и со полициските службеници, според министерот, се дава поддршка и мотив до полицајците, се слушаат нивните проблеми и детално добиваат информации за состојбите од терен и проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

- Очекувам дека ќе почнеме со реализација на одредени проекти за надминување на одредени проблеми и овој тренд што значи поголема безбедност за граѓаните ќе продолжи и понатаму, истакна Спасовски.

На новинарско прашање дали и каде се пронајдени 35.000 лични карти кои се спомнуваат во обвинението во случајот „Титаник“, дали се води истрага за овој случај и дали тие детали се предадени, тој посочи дека штом се споменуваат во овој случај значи дека се водело и се води истрага во Специјалното јавно обвинителство. - СЈО ја води целата истрага и МВР дава апсолутна поддршка и помош во однос на истрагите, рече Спасовски.

Прашан за новата практика за апсењата на МВР без присуство на камери и дали СЈО барало асистенција од МВР за истрагите кои се водат, министерот нагласи дека на Република Македонија и на МВР не им се потребни сензационализми.

- Најдобро е да имаме правилни и темелни истраги да ги расчистуваме ситуациите и слуачите и тоа да се спроведува во рамките на законот, во институциите. Мислам дека нема потреба и немало до сега иако многу често се случуваше да имаме сензацинализам. Сите барања кои се доставени и од СЈО и од Обвинителството воопшто МВР ќе ги извршува своите задачи. Нормално дека и за овие случаи кои се водат пред СЈО, ако бидат барани поддршка и помош од МВР и ќе добијат, изјави Спасовски.

За неодамнешните реакции на струшкиот градоначалник Зијадин Села за безбедносната состојба во Струга, тој оцени дека безбедносната состојба не само во Охрид и Струга, туку генерално во Македонија е стабилна, но оти секогаш може да биде повеќе и подобро.

-  Има тренд на зголемување на ефикасноста во откривање, но и намалување на криминалитетот. Еден од најголемите проблеми се човечките ресурси, значи лимитираниот број човечки ресурси. Ќе мора да има многу повеќе полицајци во МВР и многу повеќе материјално технички средства кои ќе им овозможат да имаат подобра работа, рече Спасовски.

Министерот за внатрешни работи претходно ја посети и Полициската станица во Дебар, што е дел од планот за посета на секторите за внатрешни работи и полициските станици во државата каде одблиску во разговор со полициските службеници и нивните претпоставени ги слуша потребите и проблемите што ги имаат со цел да помогнат за подобрување на состојбата на вработените, а со тоа и состојбата на граѓаните. 

https://