Македонија
3. November 2019 - 18:55

Спасовски во посета на кампот Белица, каде во завршна фаза е селекцијата на кандидатите за специјалните единици

Чест е да се биде дел од елитните единици кои се столб на МВР. Со покажани вештини покажавте дека вашата желба е поголема од сите тешки задачи предвидени во програмата за селективна обука, порача денеска министерот Оливер Спасовски при денешната посета на кампот Белица кај Македонски брод, каде е во завршна фаза дрил тестот за селекција на кандидатите за специјалните единици.

Како што соопшти МВР, министерот Спасовски го потенцирал залагањето на полициските службеници и нивната посветеност и нагласил дека тоа е мотив повеќе за раководството на МВР да овозможи уште подобри услови за работа.

-Мотивацијата да бидете дел од специјалните единици е посилна од овие тешки обуки затоа што тоа го правите со желба да обезбедите мир и безбедност на нашите граѓани. Она што го правите е од исклучителна важност и мотив за нас како раководство на МВР да овозможиме што е можно подобри услови за работа и тоа го правиме во изминатите години. Овој камп го обновивме се со цел да го јакнеме капацитетот на МВР. Направивме во изминатиот период многу работи за подобрување на условите и тоа треба да биде мотив и за вас и сите други колеги кои сакаат да бидат дел од специјалните единици, истакна Спасовски.

Министерот информираше дека за неполн месец сите припадници на специјалните единици ќе добијат спортска опрема, дека до крајот на годината ќе започне целосна обнова на кошаркарското и одбојкарското игралиште во Полицискиот центар Ѓорче Петро како и дека од наредната година се подготвуваат да обезбедат спортска сала за Единицата за специјални задачи.

-Утре промовираме нови интервентни возила исто така набавени за специјалните единици, а набавивме компјутерска опрема и работиме на зголемување на платите, рече Спасовски посакувајќи им на полициските службеници да истраат до крај и да станат дел од специјалните единици.