Македонија
26. March 2019 - 17:25

Спасовски во Букурешт се сретна со романската колешка, во фокусот зајакнување на соработката

Соработка меѓу двете земји особено од аспект во борбата против организираниот криминал, тероризмот, миграциите, компјутерскиот криминал размена на полициски искуства на оперативно ниво беше во фокусот на денешната средба во Букурешт на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со романската министерка за внатрешни работи на оваа земја, Кармен Даниела Дан.

Двајцата министри разговарале и за соработката во делот со едукација и размена на кадри меѓу нашиот Центар за обука на полициски кадри и нивната Полициска академија по европски стандарди и методи кои ќе бидат од заеднички интерес на двете институции.

Спасовски и Даниела Дан се согласиле за потребата од назначување на контакт точки за директна соработка со што ќе се овозможи размена на брзи и точни информации  од полициското работење. Исто така на средбата стана збор и за безбедносните приоритети во рамки на актуелното романско претседавање со Европската унија.

Спасовски денеска  во Букурешт се сретна и со генералниот директор на СЕЛЕК (Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа) Снежана Малеева, чие што седиште е во главниот романски град.

На оваа средба министерот Спасовски беше информиран за досегашните активности на СЕЛЕК Центарот во низа области од борбата против криминалот која што кординирано со партиципација на полициите од земјите на регионот на ЈИЕ се реализира во изминативе години, во коишто активен чинител е и нашата полиција, како и околу приоритетите за натамошно интензивирање на меѓуполициската соработка во рамките на СЕЛЕК и неговата соработка партнерите – Интерпол, САД, како и италијанската полиција со кои што оваа значајна асоцијација има партнерски договори за заемна соработка и оперативни активности.