Македонија
13. May 2020 - 16:46

Спасовски сведочеше за организирањето на 27-ми април

Изборот на собраниски спикер во 2016-та го спречуваше претседавачот Вељановски, тврди техничкиот премиер Оливер Спасовски. Тој денеска по барање на обвинителството сведочеше на судењето за организирање на собранискиот упад од 27 април. Посочи дека како тогашен пратеник неколку пати барал седницата да продолжи со избор на собраниски спикер но за тоа немало консензус на координација меѓу партиите на кои присуствувал и Вељановски.

„Кажав пред судот се што имам да кажам во однос на прашањата на иницијативе на се она што имав деловничка можност да го побарам од претседавачот на собранието  така што судот треба да ги цени тие докази“, изјави Оливер Спасовски.

Но одбраната смета дека постапката на Вељановски била почитување на собранискиот деловник.

„Сведокот Спасовки потврди два факти, тоа е дека на координација не постоела апсолутно никаква согласност за начинот на примена на член 78 став 2 врз основа на кој сметал дека треба да се примени и уште поважната  состојба со оглед да е пратеник од 2006-та год, никогаш не била прекината точка  во момент кога има пријавени кандидати за да понатаму може да продолжи наредна точка или друга седница, што значи она постапување на Трајко Вељановски  е деловнички  и правилно постапувал“, изјави Еленко Миланов, адвокат на Трајко Вељановски.

Спасовски втор пат е сведок на обвинителството во предмети за случувањата од 27 април. На судењето за нападот во прес салата сведочеше дека му се заканувале со линч а полицијата воопшто не ги заштитила пратениците.

Пред судот денеска сведочеше и учесник во протестите на Заедничка Македонија. Тој тврдеше дека партијата ВМРО-ДПМНЕ ги поддржувала но не знае дали ги организирала протестите.

„Обвинителот кој е присутен во судницата и кој ги поддржа протестите на Шарената револуција дали тоа мора да значи дека таа  го поддржа и влезот во канцеларијата на претседателот? Тоа не мора да значи, таа може да биде и секој може да биде како поддржувач но овде се суди за организација“

Судењето за организаторите на собраниските настани од 27 продолжува во петок со сведоци на обвинителството. Пред судот ќе сведочат Весел Мемеди и Стефан Младеновски кој беше амнестираниот во претходниот судски предмет.