Македонија
21. March 2020 - 10:30

Спасовски: Санкции за секој кој нема да ги почитува мерките

Државните инспектори продолжуваат интензивно да работат на терен, со цел да гарантираат целосно почитување на мерките на Владата за заштита од КОВИД-19, порача преку фејсбук премиерот Оливер Спасовски.

– Секој кој нема да се придржува до мерките на Владата ќе биде санкциониран, без исклучок. Овие мерки се донесени во интерес на здравјето на граѓаните и на јавното здравје и мора да се почитуваат, вели Спасовски.

Владата на синоќешната седница ја задолжи Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, да подготви детален писмен предлог со мерки и пpeпopaки за воведување најстроги рестриктивни мерки во врска со спречувањето, внесување и ширење  на коронавирусот (забрана и посебен режим на движење на територијата на државата а време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраста). Предлог мерките ќе бидат разгледани на денешната владина седница.

Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата, пак, се задолжени да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот Ковид – 19.