Македонија
26. October 2017 - 12:48

Спасовски: Приватното обезбедување во Македонија е респектабилна дејност

Приватното обезбедување во Македонија се етаблираше како респектабилна дејност чиј делокруг на работа е квалитетно нормиран следејќи ги современите трендови и стандарди во секојдневното функционирање, оцени денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на меѓународната конференција „Приватна и јавна безбедност – соработка и партнерство“ во организација на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, а под покровителство на Факултетот за безбедност – Скопје.

- Според податоците на МВР,  од почнувањето на функционирањето на оваа дејност до денеска, егзистираат 136 правни субјекти кои имаат дозволи за приватно обезбедување во вид на давање услуги за физичко обезбедување на имоти и лица, 60 дозволи само за техничко обезбедување и 131 фирма имаат дозволи за обезбедување за сопствени потреби што доволно говорат за раширеноста и важноста на овој стопански сегмент, нагласи Спасовски.

Комуникацијата на Комората за приватно обезбедување со Министерството за внатрешни работи, министерот ја оцени како беспрекорна, а тоа, според него, се должи на заедничките интереси.

- МВР како надлежен регулатор на овој сегмент од работењето има интерес, не само да биде во тек со сите потреби, активности и трендови во приватното обезбедување, туку и да ги детектира заеднички сите можни нови форми на соработка кои под еднакво би биле во интерес на приватната и на јавната безбедност, рече Спасовски и додаде дека тоа ќе биде можно преку постојаното усовршување на системот на приватно обезбедување со негово техничко и кадровско надградување.

Претседателката на Комората Верица Милевска-Стефановска нагласи дека напорите на приватното обезбедување, кое две децении е присутно во Македонија, се насочени да обезбедат потребна професионализација и доверба кон заедницата, како и соработка со клучните фактори во државава.

- Подготвеноста на Секторот приватно обезбедување, кое доследно ја прифаќа одговорноста која ја носи, се должи на преземањето соодветни чекори за развој и континуирана едукација во насока на гарант на безбедноста во сферата во која што се манифестира нашето работење. За таа цел Комората гради врски и плодна соработка со академската заедница која е соодветен контрибутор и двигател на вкупните процеси во државата, порача Милевска-Стефановска.

Според неа, процесот на унапредување и професионализација на работење во Секторот приватно обезбедување е актуелна тема и на глобално ниво. Нагласи дека Комората за приватно обезбедување го следи развојот за сите процеси и дека преку непосредна комуникација со организации за приватно обезбедување одржува интензивни и непосредни контакти и комуникација.

Деканот на факултетот за безбедност Никола Дујовски ја нагласи добрата соработка со Комората за приватно обезбедување, за која рече дека тие се доказ дека приватна и јавната безбедност можат да се спроведуваат само преку заеднички активности на повеќе поврзани институции.

На оваа меѓународна конференција која е посветена на размена на знаења, искуства и практики се разговара за поврзување на субјектите меѓу јавниот, државниот и граѓански сектор. Со тие практики треба да се овозможи создавање форма за прецизно дефинирање на опасностите од загрозување на безбедноста и директен придонес на приватното обезбедување кон безбедносниот систем на Република Македонија како интегрален дел.