Македонија
20. јуни 2018 - 14:39

Спасовски: Полицијата во неделата постапи правилно

Македонските полицајци во неделата беа напаѓани со дрва и бетонски плочи и еден час се воздржуваа за да ја смират ситуацијата, но нивната реакција е резултат на оценката на претпоставените, а можам да кажам дека постапиле правилно, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отворањето на новиот објект за тактички вежби во полицискиот комплекс во Ѓорче Петров одговарајќи на прашање зошто полицијата употребила хемиски средства против насилните демонстранти пред Собранието.

- Таа постапка на полицијата е како по книга. Тука полицајците имаат целосна поддршка и апелирам до граѓаните кои сакаат да го изразат својот револт, да протестираат мирно, но не смееме да дозволиме да има напад на полицијата ниту пак напад врз некоја од институциите за да не ни се повтори 27 април, рече Спасовски.

Според него,  протестите биле организирани од политичката партија „Единствена Русија“ и некои здруженија и поединци кои преку Фејсбук повикуваат, а официјално не ги пријавуваат протестите. Спасовски појасни дека Законот е таков што ако најмалку 20 луѓе се соберат можат да протестираат, а полицијата ќе ги обезбедува објектите.

Тој информираше дека идентификувани се лицата кои учествувале на протестите што биле приведени и рече дека целиот материјал е предаден на Обвинителството.

Во однос обвинувањата на опозицијата за бруталност на полицијата, Спасовски рече дека во моментов „најпаметно ќе и е да си седат во нивната бела зграда и да се скријат од срамот што и го направија на Македонија на 27 април кога организираа група што сакаат да убијат“. 

Министерот Спасовски нагласи дека во моментов нема загрозување на безбедноста на државава, но рече дека секојдневно тој, премиерот и другите министри примаат закани. Според него, добро е што најчесто доаѓаат од луѓе што седат само на Фејсбук и пишуваат.

- Сепак, заканите се процесуирани до ЈО, а некои и се детектирани. Тие што се детектирани ќе се постапува соодветно врз основа на законските прописи, појасни Спасовски.