Македонија
1. December 2017 - 15:08

Спасовски: Подобри услови за вработените и нова опрема за МВР со буџетот за 2018

Подобрување на условите во кои работат припадниците на Министерството за внатрешни работи, набавка на нова опрема и обновување на старата, унапредување на процесот на издавање пасоши и лични документи, се дел од ставките во буџетот на МВР за 2018 година.

Вкупниот буџет на МВР, согласно Предлог-буџетот на РМ за 2018 година изнесува 10.241.000.000 денари. Буџетот за МВР е зголемен во однос на оваа година за околу 180 милиони денари. 

Како што информира на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, клучен приоритет за МВР е грижата за вработените, со напомена дека условите во кои работат полицајците се на незадоволително ниво.

Тој потсети дека МВР веќе почнало со набавка на униформи и работна облека и тие ќе продолжат и во 2018

- Состојбата во полициските станици е ужасна, полицајците работат во супстандардни услови, кои се одразуваат на нивното здравје, рече Спасовки.

За таа цел од буџетот за следната година се одвоени 40 милиони денари, со кои ќе бидат реконструирани и уредени полициски станици.

Во завршна фаза е подготвката на прегледот на состојбите на сите полициски станици и во зависност од проценката ќе почне реконструкцијата. 

Министерството за внатрешни работи од буџетот за 2018 година ќе одвои 570 милиони евра за нова  опрема за потребите на специјалните единици, како и за обновување на дотраената опрема.

Планирано е и подобрување на постојната информатичка и телекомуникациска инфраструктура, со која службите ќе бидат во можност ефикасно и економично да одговорат на предизвиците и квалитетно да ги извршуваат своите работни обврски.

Спасовски нагласи дека тука акцентот ќе биде ставен на борбата против организираниот криминал, тероризмот и насилниот ектремизам. 

Планирана е набавка на две нови машини за перонализација на патни исправи, како и набавка на машини за изработка на лични документи. Обезбедени се и средства за нивна хардверска и софтверска надградба, со што ќе се овозможи граѓаните побрзо да ги добиваат личните документи и патните исправи. За оваа цел се предвидени десет милиони денари од буџетот.

Од вкупната сума од буџетот за 2018. значителен дел ќе бидат искористени за натамошно сервисирање на воздухопловите, особено што е истечен сервисниот четиригодишен период за нивно одржување. 

Во ставката за плати, наемнини и надоместоци се предвидени 73 милиони денари за 619 нови курсисти, сегашни кадети, преку кои ќе се подобрат капацитетите на униформираната полиција, еден од клучните проблеми со кои се соочува МВР.

Спасовски посочи дека за комунални услуги МВР има речиси 400 милиони денари долг и планирано е тоа да се покрие и да се сведе речиси на нула во тековната 2018 година согласно одобрените средства за таа намена.

- МВР исто така има долг и кон правни лица. Со домаќинско работење и ќе се раздолжуваме и ќе ги подобруваме условите во МВР, рече Спасовски.