Македонија
5. March 2021 - 10:38

Спасовски направи увид на реконструкцијата на СВР Куманово

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска во рамки на работните активности изврши увид во градежните активности кои се спроведуваат во објектот на СВР Куманово.

МВР го реконструира објектот кој ќе добие променета кровната конструкција, енергетски ефикасна фасада, нови прозорци, врати, санирани јазли, реконструкција на подови, на внатрешноста на објектот, променета водоводна, канализациска, електрична мрежа.

Објектот на СВР Куманово ќе биде приклучен и на гасификациска мрежа.

– Ова е еден од најстарите објекти, можеби и во најлоша кондиција во државата којшто почнавме да го реконструираме и навистина работиме на темелна и квалитетна реконструкција на целиот објект. Ако имате предвид дека еден дел од зградата е изграден во 1929 година и последните 50 години немаме никакви или многу мали реконструкции на овој дел покажува дека навистина треба сериозно да се зафатиме со реконструкцијата и токму сме посветени на тоа. Покрај другите објекти кои ги работиме на територијата на целата држава да го завршиме објектот на СВР Куманово, изјави Спасовски.

Тој потсети дека за три и пол години реконструирани се 54 објекти, а во моментов покрај реконструкција на СВР Куманово се спроведува и реконструкција на објектите на одделенијата за внатрешни работи во Дојран, Ресен и полициското одделение во Маврово Ростуше.

– Сите овие објекти се со темелна реконструкција. Овде веќе еден дел е завршен. Ние очекуваме во рамките на предвидените рокови, најдоцна до 1 август да заврши целосната реконструкција, рече Спасовски.

Министерот Спасовски подвлекувајќи дека денеска е Меѓународен ден на енергетската ефикасност, потенцира оти најголем дел од зградите кои се санираат, се реконструираат со квалитетни материјали, кои одговараат на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, кои нудат енергетска ефикасност.

– Се трудиме, покрај создавањето на добри услови за полициските службеници, користиме и вакви материјали кои ќе бидат во функција на енергетска ефикасност и заштеда на МВР и даваме придонес кон заштитата на животната средина. И токму затоа примерот може да биде и СВР Куманово во кој започнуваме гасификација на целиот објект и на тој начин да придонесе и кон оваа цел, да ја заштитиме животната средина, изјави Спасовски.

Тој најави дека ќе продолжат со вакви активности, создавање на услови за подобра работа, поголема опременост, се со цел, подвлече, да има подобра безбедност на граѓаните.

Министерот Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има детали за двојното убиство во Топанско поле, рече дека се утврдуваат причините, се прави детална истрага во однос на оваа случка и јавноста ќе биде информирана во текот на денот.