Македонија
20. April 2020 - 17:36

Спасовски најавува план за намалување на рестриктивните мерки по 1 мај

Оперативен план за олабавување на владините мерки и вонредната состојба поради коронавирусот, најавува Техничкиот премиер Оливер Спасовски. Плановите за нормализацијата треба да почнат по 1 мај. Спасовски најавата ја направи преку Фејсбук.

„Подготвуваме сериозен план, после првомајските празници да започне процес на враќање на нормала. Тоа нема да биде бргу, ниту веднаш“, напиша Техничкиот премиер.

Пораката стигна по најдолгиот полициски час поради велигденски празници кој почна во петокот во 16 часот, а ќе трае до утре до 5 часот наутро и само неколку дена откако Претседателот Стево Пендаровски  прогласи вонредна состојба, но и побара нормализирање на состојбата.

Од Владата брифираат дека олабавувањето на рестрикциите на целата територија ќе се одвива во фази. Прво, ќе се намали времетраењето на полицискиот час, но задолжително ќе мора да се носат маски и марами. Министерството за здравство веќе е задолжено да направи ваков план за тоа кога и како ќе се воведе обврската граѓаните да носат задолжителна заштитна опрема.

Во оваа насока се и скорешните мерки дека кривично ќе се одговара за групирање на повеќе од пет лица, а ќе има и казни ако не се одржува растојание од најмалку два метра, со цел да се обезбеди социјалната дистанца потребна за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Неофицијално, иако се уште нема конректен план, идејата е да почне со работа и дел од угостилството. Кон средината на мај, кафулињата би требало да почнат да работат со 20 отсто од капацитетот, а од јуни дури и со 50 отсто од капацитетот што го имаат.

Дополнително, ни претстои и уште еден продолжен викенд за 1 мај, при што не е исклучена можноста и тогаш да биде воведена забрана за движење која ќе трае цели 85 часа.