Македонија
2. August 2020 - 11:59

Спасовски: На Илинден е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност

На денешен ден – 2 август Илинден е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност. Нашата борба за слобода и правда преку Илинден во 1903, а потоа и на вториот Илинден во 1944 година, беа столбовите на Републиката и на државноста, порача денеска во своето обраќање на скопската тврдина Кале премиерот Оливер Спасовски на свеченоста по повод Денот на Републиката 2 Август – Илинден.

-Борбата на сите наши Илинденци никогаш не била мотивирана ниту за територии, ниту за доминација на една држава врз друга. Ниту пак на еден народ врз друг. Почнувајќи од Крушевскиот манифест, а потоа и со декларацијата и ршенијата на АСНОМ во борбата за слободна и праведна македонска држава се повикани сите чесни, добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност водени единствено од желбата за подобар живот, подвлече Спасовски.

Истакна дека во остварувањето на оваа цел Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други остваруваа и ги делеа заедничките победи кои ни ја овозможија денешната Република Северна Македонија, држава-членка на НАТО, земја на пат за ченство во ЕУ – земја која меѓународната заедница ја прогласи за најуспешна приказна на Западен Балкан во последните три години.

-Ова се резултати на победи на сите нас. Затоа оваа година го прославуваме Денот на Републиката под слоганот „Победа за сите“, и започнавме да го чествуваме со почести пред споменикот на Слободата „Сила слава и победа“. Победа за сите нас, затоа што Илинден и АСНОМ се симболи на заедништво, а не на поделби. Денес славиме празник за подобро утре на оваа и на сите наши идни генерации како завет дека ќе продолжиме заедно нашата вековна иднина, посочи Спасовски.

Како што рече премиерот, денеска кога со сета почит и достојност се сеќаваме на државоторните настани на давата Илиндена во 1903 и во 1944, од перспективата на оваа 2020 година неминовно е да се сочиме со фактот дека треба да ја прифатиме државотворната агенда на концептот кој силно повикува да ја градиме Македонија како граѓанска држава која ке биде слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, едно општество за сите.

-Нив исто како и нашите претци должни сме да им се спротивставиме на фашизмот, гласно и храбро, борбата со фашизмот и против делбите на нашите граѓани против сеењето омраза, помеѓу браќа, соседи и другари е наша света обврска. Нашите партизани застанаа храбро и пркосно наспроти фашизмот и благодарение на таа храброст и на тој пркос денеска ние имаме држава. И ништо помалку од тоа не смееме да им оставиме и на нашите идни генерации, подвлече Спасовски.

Ги честиташе двата настани Денот на Републиката – Илинден и АСНОМ, во коишто, како што рече, е собран континуитетот на создавањето на македонската државност.

-Нека ни е честит и вечен 2 Август – Денот на Републиката. Нека ни се честити и вековити Илинден и АСНОМ. Денеска во главниот град на нашата држава во Пелинце и во славно крушево одбележуваме и славиме два настана во кој е собран континуитетот на создавањето на македонската државност, рече Спасовски на свеченоста по повод Илинден на скопско Кале.