Македонија
10. March 2018 - 16:37

Спасовски: МВР нема да толерира загрозување истраги

Поднесена е кривична пријава против  Д.С. вработен во кабинетот на министерот за внатрешни работи. Тој се сомничи за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево на прес-конференција. 

Очекува многу скоро во законски утврдена постапка сомнежот да биде потврден или отфрлен.

- Оддавање службена тајна, загрозување и наштетување на кривична истрага се казниви дела. Граѓаните ни ја дадоа довербата да се бориме против криминалот и за било какви потврдени незаконски активности ќе има нулта толеранција. Тоа треба да му биде јасно секому, изјави  Спасовски.

МВР, рече, нема да толерира загрозување истраги и постапки.

- Ова е пораката за секој кој има намера да соработува или да учествува во криминалот без оглед на позицијата која ја има во општеството и институциите, нагласи Спасовски.

Д.С., кој бил криминалист и државен советник во кабинетот за крминалистички работи, на 26 февруари во просторија на здравствена установа во Скопје имал средба со женско лице над кое се применувале посебни истражни мерки.

МВР соопшти дека Д.С. на директен начин и пренел службена тајна, потенцирајќи дека над неа е во тек примена на посебна истражна мерка со која се следат сите нејзини телефонски броеви и оти над неа се применува мерка следење. Ја предупредил да биде внимателна и оти во наредните денови може да биде применета нова мерка, користење на прикриен агент. 

Во меѓувреме, во Кривичниот суд заврши сослушувањето на осомничениот Д.С.

- Судија на претходна постапка го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за опредлување мерки на препталзивост - одземање патна исправа, обврска обвинетиот повремено да се јавува во суд, забрана за напушатње живеалиште и забрана за вршење на одредени работни активности, потвдија од Кривичниот суд.