Македонија
4. August 2017 - 14:26

Спасовски: Граѓаните и полицијата да соработуваат за поголема безбедност во сообраќајот

Зголемени се сообраќајните контроли и безбедносната состојба генерално и во Куманово и во овој регион е стабилна, оцени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој присутувуваше на денешното отпочнување на реконструкцијата на поранешниот „Пинерски дом“ во градинка.

Одговарајќи на новинарски прашања, Спасовски рече дека има зголемен интензитет на возила во Куманово во летниот период, што се должи на зголемениот прилив луѓе кои се враќаат од работа во Куманово. Апелираше на поголема свесност кај возачите и кај граѓаните и нагласи дека полицијата е на терен, превентивно делува во однос на регулација на сообраќајот и дека контролата е засилена последниве дваесетина дена.

- Полицијата е на терен, преземаме мерки превентивно да делуваме во однос на регулација на сообраќајот, меѓутоа сите мора заедно да си помогнеме ако сакаме да имаме безбеден град. Контролата е зголемена веќе 20-тина дена. Се работи по посебен план на контрола секојдневно, меѓутоа не можеме да задолжиме по еден полицаец на едно возило. Ние имаме патрола постојано и на булеварите „Трета МУБ“ и на „Октомвриска револуција“ и околу кејот, но за тоа мора да помогнат и возачите, граѓаните ако сакаме да бидеме безбедни во делот на сообраќајот, изјави Спасовски.

Тој додаде дека македонската полиција презема мерки со цел поголема безбедност, не само во Куманово туку и на цела територија на државата и повика на поголема соработка на граѓаните со полицијата.