Македонија
13. јуни 2020 - 14:10

Спасовски: Годината ќе биде запаметена по корона кризата, но и по инвестициите во здравствениот систем

Сега имаме ресурси, сериозно надграден здравстен систем во однос на капацитети за сместување, медицинска опрема и знаења на здравствените работници. Имаме капацитет да се справиме и со овој актулeн бран. Од почетокот на кризата со коронавирусот на секој јавен настап повторувам една работа: вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на сите мерки кои ни ги кажуваат здравствените работници. Само заедно можеме да ја оваа состојба. Верувам дека од оваа криза ќе излеземе многу посилни, многу помудри, ќе разбереме колку е важна граѓанската солидарност, поддршката на институциите, меѓусебното разбирање, граѓанската оговорност. Едноставно сметам дека по оваа криза ќе излеземе поголеми луѓе, рече претседателот на техничката Влада, Оливер Спасовски денес во Струмица по увидот во завршните работи на новото крило на струмичката болница.

Подвлече дека друг излез од кризата не постои и затоа ниту една друга алтернатива, освен континуирани и соодветни добри здравствени политики коишто можат да се справат со вакви кризи.

-Со истото темпо продолжуваме понатаму.Оваа година ќе биде запаметена по корона кризата, но и по инвестициите во здравствениот систем и во здравствените работници, истакна Спасовски.

Образложи дека Владата ги зголемила платите на здравствените работници, вработувањата, максималната грижа за мотивираност на лекарите во јавното здравство, зголемен број на специјализации и уште многу достигнувања.

-Достигнавме историски рекордно ниво на примања во здравствениот сектор на здравствените работници. Заедно со сите зглемувања досега, вклучително и со зголемувањата во месец февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40 проценти, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 проценти и на општите лекари за 25 проценти. А на здравствените работници за 15 проценти. Ова беше едно од нашите ветувања 2016 година и денеска можам да констатирам дека го исполнивме ова ветување. Ги зглемивме и проценитте за исплата на дежурствата на здравствените работници, висината на капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија. Во изминатите две години дадовме и пет илјади согласности за вработување во здравствениот сектор за да имаме силен и стручен капитал во здравствениот систем. На правилниот и вистинскиот пат сме и така ќе продолжиме понатаму во годините пред нас, рече премиерот Спасовски.

За него новата нормалност, покрај заштитата на личното и колективно здравје и чување и јакнење на здравствениот систем, значи организирање на изборен процес согласно здравствените протоколи на надлежните институции, процес безбеден за граѓаните, за нивното здравје и за сите учесници во изборниот просец.
 
-Само така ќе обезбедиме услови да биде исполнето демократското право на граѓаните да гласаат на избори за да обезбедиме функционално собрание и нова политичка влада. Институциите имаат капацитет на денот на гласањето да ги обезбедат сите превентивни мерки коишто се потребни за целосна заштита на гласачите и на сите други учесници во изборниот процес. Гаранција дека изборите ќе бидат фер и демократски и дека волјата на граѓаните ќе биде легитимна има и од набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДХР, која потврди дека со свои набљудувачи ќе го следи изборниот процес, смета Спасовски.

На крајот уште еднаш ги повика граѓаните да се придржуваат на мерките за заштита и да ги почитуваат препораките на здравствените власти.