Македонија
1. March 2016 - 16:20

Спасовски го вработил партискиот функционер Едмонд Адеми како советник во МВР

Едмонд Адеми, членот на Централниот и извршниот одбор на СДСМ е новиот во редот партиски војници кој техничкиот министер Оливер Спасовски ги вработи во МВР. Без никакво искуство во полицијата, Адеми, кој во јавноста стана познат кога пред неколку месеци повика на пролевање крв по улиците за промена на власта ќе му биде советник на Генералниот секретар на СДСМ во МВР. Непознато е дали на Спасовски му се потребни совети во спроведување на некакво крваво сценарио, но она што се знае е дека техничкиот министер на СДСМ продолжува да ја партизира полицијата полнејќи ја со непрофесионален кадар.

Претходно, Спасовски во МВР ја вработи Магдалена Несторовска, претседател на советничката група на СДСМ во скопски Карпош. Работа во МВР доби и претседателот на партиската комисија за информатичко општество Горан Трајановски, а фотелја се најде и за Владимир Пивоваров кој беше редовен гостин во кампот на СДСМ пред Владата.

И Лазе Велковски, човекот кој стана познат како единствениот кој како бодигард на Шеќеиринска во полиција пријавил обид за атентат со пластично шише си најде работно место кај Спасовски а рекорд во унапредување фати сопругот на министерката Фросина Ременски, Јонче кој за еден ден од самостоен инспектор со помош на Спасовски скокна 4 работни позиции и стана генерален советник во УБК.