Македонија
4. November 2019 - 18:06

Спасовски ги обвинува судиите и обвинителите за бегството на Игор Спасов

Бегството на Игор Спасов е резултат на нефункционалноста на системот кој можеби е и корумпиран. Министерот за внатрешни работи побара обвинителството да отвори истрагата за да се провери каква е улогата на судиите и обвинителите кои му дозволиле на Спасов да го прекине издржувањето на затворската казна и да се лечи на слобода.

Поранешниот полицаец Спасов доби 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски во 2011 година. Од тогаш до денеска поминаа 8 години, а Спасов само 6 од нив ги помина зад решетки иако беше уапсен само неколку дена по убиството. Од август минатата година тој бил пуштен на домашно лекување поради проблеми со рбетот. Во затворот во Штип требало да се врати по цели 14 месеци лечење,  на 18ти октомври, но не го сторил тоа, по што полицијата распиша прво интерна, а потоа и меѓународна потерница.