Македонија
21. March 2018 - 20:07

Спасовски: Демократски е да се протестира, но не пред домови на пратеници

Демократијата подразбира право на протести, но сериозно треба да се разгледа прашањето дали протести треба да се одржуваат пред нечии домови, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за емисијата Топ-тема, одговарајќи на прашањето за протестите кои се одржаа деновите пред домови на пратеници од СДСМ, меѓу кои и Фросина Ременски.  

- Во ред е протест да се одржи пред Влада, Собрание, некоја институција, но пред дом на кој било пратеник не се случувало. Не смее да се создава несигурност кај кого било, а кај овие протести има елементи на насилство, бидејќи се предизвикува страв и загриженост и кај пратеникот и кај неговото семејство, рече Спасовски. 

Нагласи дека полицијата постапувува соодветно, а така постапувала и за време на протестот мај 2016 пред домот на тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кога протестираа учесниците во Шарената револуција. 

- Полицијата постапувала соодветно и тогаш и сега. Тој бил лице со обезбедување како поранешен премиер, полицијата презела сериозни мерки за обезбедување на неговиот дом, додаде министерот. 

Според него, има разлика меѓу тие и новите протести. За протестите пред домовите на пратениците од СДСМ поради Законот за јазици вели дека има група изманипулирани поддржувачи кои покажуваат насилно однесување и извикуваат пароли за нивен линч и убиства на нивните семејства, како и навреди на етничка основа.