Македонија
13. јуни 2018 - 18:37

Спасовски: Да ја вратиме довербата на граѓаните во полицијата

Враќањето на довербата на граѓаните во полицијата треба да започне со враќањето на врската помеѓу локалната самоуправа и централната власт, особено со МВР. Оваа порака денеска ја упати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој ја посети општина Гостивар. 

Придружуван од заменик-министерот Агим Нухиу и повеќемина соработници, Спасовски имаше работна средба со градоначалникот на општина Гостивар  Арбен Таравари. Тема на разговорите меѓу другото биле и формирање заедничко тело во кое би биле вклучени полицијата, јавното обвинителство и локалната самоуправа чија цел би било превенција од проблеми и безбедноста во сообраќајот во летниот период во градежната сезона.

- Постојано има настани, како во Гостивар, така и во други градови и целата земја и во тој правец е важно да немаме селективност и да сме ефикасни. Целта на тоа е да се даде јасен одговор до секого, дека мора да ги почитува законите во Република Македонија и на никого не смее да ја загрозува безбедноста на други граѓанин. Директните разговори на маса се покорисни отколку преку медиуми и социјални мрежи. Јас би сакал да ја тргнеме политиката од полицијата, таму треба да се работи професионално, рече Спасовски.

Тој рече дека комуникацијата помеѓу полицијата и локаланите власти не била на потребното ниво и оти тоа во иднина треба да биде надминато.

За министерот Спасовски е важно да се активираат и советите за превенција затоа што, како што нагласи, тоа е голема важност за подигање на јавната свест за превентивното делување. 

Градоначалникот Арбен Таравари по средбата изјави дека ова е прва официјална посета на министер на општина Гостивар.

- Зборуваме општо за проблемите кои се на подрачјето. Го информирав и за случајот со напад на двајца вработени во гимназијата и заканите кои беа упатени кон мене. Зборуваме и за подобрување на комуникацијата помеѓу полицијата и локалната власт и дека министерот може да помогне во тој правец, рече Таравари.

Спасовски во придружба на заменик-министерот Агим Нухиу претходно имаше средба со раководството на полициската станица и се запозна со актуелната состојба. Посетата на Гостивар, тој ја искористи за директни и неформални средби и разговори со граѓаните додека пеш се движеше кон зградата на општина Гостивар.