Македонија
24. May 2022 - 14:20

Спасовски: Честитки до македонските граѓани, за силната вера, смирението и заложбата за заедништво

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати честитки до македонските граѓани по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

-Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите?” – ова се зборови на Светите браќа Кирил и Методиј кои го отсликуваат овој радосен ден, ден на восклик, историски миг на исполнување на сонот на многу генерации. По молитвите на Светите браќа Кирил и Методиј, Светиот сабор на СПЦ со зборовите на српскиот Патријарх Порфириј по долгата заедничка богослужба во Соборниот храм во Скопје ни донесе убава вест – да ја благослови и признае автокефалноста на Македонската православна црква- Охридска Архиепископија, напиша Спасовски на Фејбсук.

Тој упати срдечни честитки до македонските граѓани, за силната вера, смирението и заложбата за заедништво.

-Нека расте црквата Господова, ко што расте пламенот на Божјата љубов меѓу браќата и сестрите по Христа. Кога браќата се сакаат, се радуваат и Небото и Земјата. Впрочем, како што рече и поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан, и Кирил и Методиј по духот ни припаѓаат на сите, наведува Спасовски.

Министерот Спасовски изрази благодарност до патријархот Вартоломеј за, како што наведува, укажаното братољубие од српскиот патријарх Порфириј, како и до сите браќа и сестри од православната екумена, и секако огромна благодарност и признание до МПЦ-ОА, Архиепископот охридски и македонски, г.г Стефан, и митрополитите коишто неуморно дејствуваа да се оствари овој сон на сеопшта радост на верниот македонски народ.