Македонија
14. јуни 2021 - 13:12

Спасовски: Активно насочување кон заедничките вредности и цели се гаранцијата за просперитетот

Превенирање на конфликтите, одржување на мирот и стабилноста, владеење на правото без исклучок, со почитување на меѓународното право, заштита на човековите права и слободи и мирно решавање на сите спорови и недоразбирања. Тоа се заедничките евроатлантски вредности кон кои треба да се стремат сите држави од регионот, во насока на меѓусебно приближување и надминување на сите бариери од минатото, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето пред учесниците на Финалната планирачка конференција за реализација на првата „НАТО-ЕАДРЦЦ“ меѓународна вежба што денеска се одржува во Охрид.

Спасовски истакна дека очекувано е од сите земји во регионот посветено да се сосредоточат кон заедничките вредности и цели, оттаму што само на тој начин може да се обезбеди гаранција за просперитетот, одржливоста и стабилноста на државите.

–          Република Македонија во последниов период покажа на дело дека тоа не само што е можно и посакувано, туку е единствено прифатливо решение за современите предизвици. А кога сме веќе кај справувањето со предизвиците од поново време, со кои се соочуваме како држави, меѓу кои би ги споменал: организираниот криминал, нелегалната миграција, компјутерскиот криминал и сајбер нападите, лажните вести и, секако, насилниот екстремизам и тероризам, пандемијата со Ковид-19, за нив е неопходен современ, регионален пристап и заедничка стратегија за делување, рече тој.

Во врска со претстојната „НАТО-ЕАДРЦЦ“ меѓународна вежба предвидена да се одржи во септември, Спасовски истакна дека нејзиното сценарио предвидува справување со некои од постоечките закани за државите од регионот, како што се елементарна природна непогода, организиран криминал, нелегална миграција, компјутерски криминал и сајбер напади, лажни вести, спасување и укажување на помош на граѓаните при епидемија со вирус и слично.

Вежбата, според Спасовски, претставува одлична основа за развивање на капацитети и способности за соодветно спротивставување, сузбивање на овие криминални дејствија и преземање на конкретни мерки и активности.

–          Цивилната подготвеност и одржувањето на континуитетот на функционирање на институциите при справување со кризни и сложени безбедносни состојби е од круцијално значење и основна обврска на членките на НАТО Алијансата при градењето на отпорност кон сите закани и предизвици, постигнување на интероперабилност и заштита на животот, имотот и личната сигурност на граѓаните. Бидејќи безбедносниот систем е основа на функционирање на правната држава, рече тој.

Осврнувајќи се на активностите што последните години ги спроведе Министерството за внатрешни работи, согласно својот делокруг на надлежности во безбедносната сфера, Спасовски посочи дека се во насока на целосна реформа на секторот.

–          Како интегрален дел на Системот за управување со кризи МВР е во постојана комуникација, координација и соработка со останатите субјекти кои се дел од овој систем. Притоа, уште еден чекор понапред претставува дигитализацијата на Системот за управување со кризи во Република Македонија, со примена на веб базираната алатка NICS (Next Generation Incident Command System), што секако ќе придонесе за унапредување на комуникацијата и координацијата помеѓу субјектите кои се дел од Системот за управување со кризи, рече Спасовски потенцирајќи ја максималната поддршка за успешна реализација на Првата меѓународна НАТО вежба од таков вид, со уверување дека Министерството за внатрешни работи во континуитет ги презема сите мерки и активности за нејзини непречени подготовки.