Бизнис
5. January 2016 - 16:15

Спасов: Во последните две години нови 1.400 вработувања во градинките

Вработувањето на воспитувачи во градинките е наша континуирана активност, а со изградбата на нови објекти се создава потреба да се доекипираат со потребен кадар. Како Влада тоа континуирано го следиме и ќе го следиме во наредниот период со цел да создадеме услови за редовно функционирање на детските градинки.

Ова го посочи заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен темелник за изградба на првата детска градинка во скопската населба Горно Лисиче, лоцирана во дворот на основното училиште „Гоце Делчев“.

- Во изминатите две до три години има околу 1.400 нови вработувања во детските градинки, заедно со Законот за трансформација на волонтерите во редовен работен однос, преку кој голем број волонтери добија редовен работен однос. Со тоа се зголеми и квалитетот на услугите кои ги нудат детските градинки, изјави Спасов.

Нагласи дека има опструкции од кабинетот на техничката министерка Ремески за опремување на веќе изградените детски градинки и дневни центри.

- Има неколку градинки кои се во фаза на изградба и за кои Министерството има преземено обврски да ги опреми. Таква е и градинката во Јегуновце која Министерството ја изгради и треба да ја опреми, но имаше определен застој на јавните набавки повеќе од предвидениот законски рок. Јавната набавка се држеше во кабинетот на техничката министерка Ременски и со тоа се создаде временско задоцнување во опремувањето на објектот, прецизира Спасов.

Појасни дека во Министерството има конкретни акциски планови за реализација на проектот за отворање нови дневни центри и за зголемување на капацитетот на градинките. Во 2016, како што кажа, било планирано да се изградат над 20 нови градинки, но во постапките кои се спроведуваа во декември минатата година има одредено задоцнување во роковите за реализација поради опструкциите од страна на техничката министерка.

- Градинките се општински јавни установи и се правни лица кои се формирани од страна на општините. Согласно тоа, надлежна за тековно одржување на градинките е општината, а средствата кои ги има во буџетот на Министерството се насочуваат за отворање нови објекти во соработка со општините. Таков е и денешниот пример со градинката во Горно Лисиче каде половина од средствата ги вложува општина Аеродром, а половина Министерството, рече Спасов.