Македонија
10. August 2016 - 16:11

Спасов: Извлечена водата од 50% од поплавените куќи во Стајковци, на терен и механизацијата од ЈП„Дрисла“

Со камиони, булдужери, багери и  кипери под полна пареа се расчистува  поплавениот терен. Во Стајковци над 50 отсто од куќите се исчистени од кал, отпад и вода.

Покрај војската во работна акција се над 1000 работници  и повеќе од 50 машини различна механизација.

Со свои машини се вклучија и од Депонијата Дрисла.  На места се гледа веќе и асфалтот на улиците. Отпадот е исфрлен пред куќите каде дел по дел се собира.

Ангажирани се сите јавни и приватни претпријатија.  Со оглед на повисоките температури паралелно се дезинфицираат расчистените куќи за да се заштити населението од можните зарази кои демнат по поплавите.

Од денеска во функција е посебен оперативен штаб чиј координатор во Стајковци е министерот Диме Спасов кој апелира до сите граѓани да се остави простор по улиците за механизацијата да заврши што поскоро со расчистување на селото.

Граѓаните гледаат голем напредок денеска , велат работници од сите краишта помагаат во секоја куќа.  

Во секој дом волонтерите на Црвениот Крст и други здруженија  од рано изутрина  носеле  пакет со храна, вода,лекови и  хигиенски средства. Улицата со број 6 за разлика од вчера веќе се враќа во нормала. Го нема повеќе калот и отпадот кој се слеваше како река по улицата.

И  кај жителите од улицата 18 најкритичниот дел во селото куќите се испразнети од вода.  

Извадена е калта, сметот и камењата кои ги донесе водата.

Во кризниот штаб во основното „Кирил и Методиј“ поставена е мобилна амбуланта, се дели помош а во дворот се поставени пунктови од сите надлежни институции.

Камерата на Сител забележа и повеќе волонтери кои преку Фејсбук се организирале да донесат  храна, пелени и средства за лична хигиена.

Во акцијата за расчистување се вклучија и голем број граѓани од Скопје но и другите градови  во Македонија. 

И денеска проценителите го посетуваат секое семејство за да извршат увид во  настанатите штети.