Македонија
31. October 2020 - 16:58

Спасителната служба ,,Златоврв‘‘ од Прилеп уште еднаш покажа дека треба да биде финансирана од државата

Поради земјотрес се урна зграда во центарот на Прилеп, голем пожар и повеќе повредени кои се спасуваа на разни начини. Ова беше третата вежба на спасителната служба „Златоврв“ од Прилеп која денеска се одржа во центарот на градот, во координација со ТППЕ, Дирекцијата за спасување и полицијата. Членовите на „Златоврв“ уште еднаш потврдија дека заслужуваат да бидат финансирани од државата или општината, но за жал засега тие функционираат на волонтерска основа без финансиска помош од никого.

„И се надеваме да влеземе во државниот систем на спасување бидејќи е многу потребно и важно сите институции кои се занимаваат со одделот за спасување да соработуваат, редовно да има обуки, редовно да има тренинзи, да разменуваме искуство за да изградиме еден европски систем на спасување, тука кај нас во Македонија. На запад овие служби функционираат под државните институции, под Владата, им се даваат сите потребни материјално-технички средства, државни возила, а ние користиме наши сопствени возила за на терен и користиме наша опрема“, рече Дарко Неданоски, раководител на Спасителна служба „Златоврв“ Прилеп.

Досега имале повеќе акции во околината на Прилеп и Крушево каде спасиле човечки животи. Но и покрај нивната професионалност институциите засега ги оставаат сами на себе. Доаѓаат само да се фотографираат со нив.

„Излегуваме и во рурална ии во урбана средина, затоа и ги правиме овие спасителни вежби, за да ја покажеме нашата техника. Ние ја работииме техниката на единечно јаже, која што е универзална и се користи за во згради, поплави, бунари, пештери, пропасти, спасување паднати од мостови, буквално од сите објекти може да излеземе на терен и да дејствуваме“, додаде Неданоски.

И од ТППЕ Прилеп велат дека на Прилеп му е многу потребна една ваква спасителна служба и поголема координација на сите институции кои работат на ова поле.

„Ваквата помош спрема пожарникарите е од огромно значење се со цел заеднички да се настапи кон целта и постигнување на оние резултати коии што се потребни“, истакна Методија Николоски, заменик командир на ТППЕ Прилеп.

После овие презентации сите очекуваат државата конечно да ја опреми службата според сите стандарди и да започне со нејзино финансирање.