Фудбал
7. July 2019 - 20:11

СП (ж): Четврта титула за Американките

Фудбалската репрезентација на САД по четврти пат е светски шампион, откако на финалето во Лион со 2:0 го совладаа најпријатното изненадување, Холандија за да станат првата женска репрезентација која ја одбранила титулата.

Холанѓанките, како актуелни европски шампионки, храбро се држеа против очигледно супериорниот американски состав повеќе од еден час, но потоа нивната игра се „распадна“ за осум минути.

Во 61. минута, Меган Рапино, фудбалерката која влезе во директен конфликт со американскиот претседател Доналд Трамп, беше прецизна од белата точка, за само седум минути подоцна Роуз Лавел да ја потврди победата на САД.

Ова е четврто злато за САД по триумфите во 1991, 1999 и 2015 година и вкупно петто финале, откако во 2011 загубија од Јапонија. За Холанѓанките, ова беше само втор настап на еден Мундијал. Единствена друга репрезентација која има повеќе од една титула е Германија со два трофеи.