Loading Video...
Ракомет
16. January 2019 - 18:29

СП 2019: Македонија игра со Шпанија, во мислите Исланд

Македонската ракометна репрезентација и стручниот штаб денеска се пред големо искушение како да се подготви вечерашниот дуел, а секако со мислите ќе бидат и за утрешниот. Во дуелот од 4.коло Македонија денеска игра против европскиот првак Шпанија селекција која има максимален учинок во групата. Со денешниот ривал имаме одиграно шест натпревари и ги имаме загубено сите, најблиску до изненадување бевме пред две години во Мец кога загубивме со 29:25, а конкурентни бевме 55 минути пред се благодарние на играта 7-6 во нападот. Со таков тип на напад нашите ракометари воглавно играа и на досегашните дуели, со тоа што се надеваме дека промашените зицери со Хрватска, на дуелот со Шпанија и на утрешниот против Исланд ќе бидат во мрежите на противничките голмани. За да нема калкулации и да биде појасно, Македонија со победа против Исланд, ќе го брка пласманот на третото место во групата.

Конкурент за третата позиција ни е селекцијата на Исланд, против која и имаме одиграно најмногу натпревари. Исланд денеска во првиот натпревар од 4.коло ја совлада Јапонија со 25:21, со што се изедначи со Македонија со по 4 бодови. За разлика од нашиот утрешен ривал, кој ќе има повеќе од 24 часа за одмор, нашите ракометари по вечерашниот дуел со Шпанија ќе имаат нешто повеќе од 16 часа за подготовка и рекуперација пред клучниот натпревар од групата.

Македонија вечерва против Шпанија игра во Олимпијахале во Минхен со почеток во 20:30 часот, а натпреварот ќе го судат Швајцарците Брунер и Салах.