Loading Video...
Фудбал
11. July 2018 - 14:07

СП 2018: Хрватска и Англија за место во големото финале

Хрватска и Англија ќе го дадат вториот финалист на Мундијалот во Русија. Двете селекции во досегашниот тек на првенството немаа порази, но вечерва во Москва една од нив ќе мора да ја почувствува горчината на поразот. 

За Хрватите за кои ова е 5-то учество на Светските првенства, до полуфиналето стигнаа со максимални пет победи, две од нив извојувани по пенал рулетот. За нив вечерашното полуфинале ќе биде нивно второ. 

Во првото на првенството во 1998 во Франција, на Стад Де Франс загубија од домаќинот Франција со 2-1 (Турам постигна два гола за „триколорите“, а Шукер беше стрелец на голот на „коцкестите“). 

Во дуелот за место,  Хрватска ја победи Холандија 2-1 со головите на Просинечки и Шукер 

И Англија е без пораз на рускиот Мундијал, кој за нив е 14-ти. Досега Англичаните имаат одиграно два полуфинални натпревари. 

На шампионатот 1966 година во Англија, кога ја совладаа Португалија со 2-1, а подоцна во финалето на „Вембли“  ја победија тогашна Западна Германија со 4-2

Токму Западна Германија беше и противник во полуфиналето на Мундијалот во 1990 година каде Англичаните беа поразени на пенали 4-3 (1-1), за подоцна во дуелот за 3.место да загубат од домаќинот Италија со 2-1. 

Досега овие две селекции имаат одиграно вкупно 7 натпревари на кои Хрватите имаа остварено само две победи, наспроти четирите на Англичаните вклучувајќи ги и последните два во Загреб и Лондон каде кога во Мундијалските квалификации  за СП 2010 година селекцијата на „Гордиот Албион“  забележа победи со 4-1 и 5-1.

Кој на крајот ќе се радува на можноста во недела да игра во финалето против Франција, ќе дознаеме вечерва по мечот кој започнува од 20 часот, а ќе се игра на стадионот „Лужники“ во Москва, каде впрочем ќе се игра и големото финале.