Loading Video...
Фудбал
10. July 2018 - 17:33

СП 2018: Франција или Белгија кој ќе биде првиот финалист на Муднијалот ?

Франција или Белгија кој ќе биде првиот финалист на Муднијалот ?
 
Одговорот на ова прашање ќе го дознаеме вечерва, откако овие две селекции ќе го одиграат првиот полуфинален меч на Светското фудбалско првенство во Русија. 
 
 
Вечерва од 20 часот во Санк Петербург репрезентациите на Франција и Белгија ќе се борат за место во големото финале. 
 
Двете западно-европски соседни земји, имаат долга традиција на меѓусебни дуели, но најголемиот дел од нив пријателки како што впрочем беше и последниот во 2015 години одигран во Париз кој заврши со победа на Белгија со 4-3. 
 
Традицијата од изминатите 73 меча е на страна на Белгијците кои имаат 30 победи, наспроти 24-те на Франција, додека 19 меча завршиле без победник. 
 
Секако најзначаен е дуелот на Мундијалот во Мексико во 1986 година, кога во борба за третото место „триколорите“ славеа триумф, па Белгијците мораа да се задоволат со четвртото место,што впрочем е и најдобриот пласман на Белгија на завршницата на Мундијалите. 
 
Но, оваа генерација на „црвените ѓаволи“ верува дека може да го надмине тој успех, имајќи ја во предвид досега прикажаната игра на првенството во Русија на кое Белгија до полуфиналето стигна со пет победи на исто толку одиграни натпревари. 
 
Од друга страна Французите за кои ова е шести настап во полуфиналето, прв по 2006 година веруваат дека нивната генерација предводена од Гризман и младиот Мбапе, може да го повтори успехот на генерацијата од 1998 година, која да домашен терен во Франција го освои шампионскиот трофејот, а истата беше предводена од Дидие Дешамп кој пак сега е во улогата на селектор на „триколорите“. 
 
Дали Французите и Белгијците ќе ја продолжат и традицијата на ефикасни меѓусебни средби останува да се види, или пак имајќи го в предвид големиот влог (финале) двајцата селектори повеќе ќе размислуваат како да не примат гол. 
 
На крајот сепак мора да има победник, било тоа да е во регуларните 90 или по 120 минути игра, а можеби и по „пенал рулетот“, но подобриот од вечерашниот меч во недела ќе има можност да се бори за титулата светски првак и тоа во финалето против победникот од утрешниот полуфинален меч во кој ќе играат Хрватска и Англија.