Фудбал
14. July 2018 - 16:18

СП 2018: Франција и Хрватска во дуел за шампионскиот трофеј (недела 17 часот)

Утре е последниот дел на Светското фудбалско првенство во Русија, разбирливо резервиран за двете најдобри селекции нна Мундијалот кој ќе се борат за трофејот, Франција против Хрватска. 
 
За „Триколорите“ тоа ќе биде втор меч во големото финале, откако на првенството во Франција во 1998 година, токму сегашниот селектор на Франција, како тогашен капитен, ја имаше привилегијата да го крене шампионскиот трофеј. 
 
Сега неговите избраниците ќе има можност да го повтори тој успех, доколку бидат подобри од Хрватите, кои пред 20.години ги елиминираа во полуфиналето на патот до освојувањето на светската круна. На споменатиот меч кој се играше на „Стад Де Франс“ Франција славеше победа со 2-1 благодарение на Лилиан Турам кој ги постигна двата гола и ги одведе Французите во финалето во кое убедливо со 3-0 го совладаа Бразил. 
 
Хрватска тогаш заврши како трето пласирана со триумфот над Холандија со 2-1. 
 
Но, сега популарните „коцкести“ предводени од нивниот најдобар играч и капитен Лука Модриќ уверуваат дека ќе сторат се да им се реваншираат на Французите за тој пораз. 
 
Дали Франција по втор или Хрватска прв пат ќе се радува на трофејот наменет за светскиот првак, останува да видиме по завршувањето на финалниот меч кој ќе се игра на стадионот „Лужники“ во Москва, а ќе започне од 17 часот.