Македонија
3. November 2015 - 12:59

Советот за унапредување и надзор на ревизијата ќе соработува со бугарската Комисија за јавен надзор на ревизори

Совет за унапредување и надзор на ревизијата на Република Македонија во согласност со своите утврдени цели и активности за унапредување и поставување повисоки стандарди на ревизијата, како и повисок квалитет на ревизорските услуги, а во согласност со утврденото унапредување на меѓународната активност, денеска во Софија потпиша Меморандум за соработка со Комисијата за јавен надзор над овластените ревизори на Бугарија.

- Квалитетната ревизија е важен сегмент за донесување на инвестициска одлука. Инвеститорите бараат јасна слика за состојбата на компаните во нашата држава. Целта на Советот е преку стручни анализи и препораки, советувања и вршење независен јавен надзор на ревизијата, да работи во насока на нејзино унапредување, да го поттикнува придржувањето кон високите професионални стандарди во ревизиската професија, како и да ја зајакне довербата на инвеститорите во податоците кои се објавени во годишните и консолидираните сметки на големите и средни трговци во Република Македонија, изјави Соња Ѓелова – Стојанова, претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Македонија.

Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Македонија  е самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени во Законот за ревизија.

Советот е основан во втората половина на 2012 година согласно 8та директива на Европска Унија, како независно професионално регулаторно тело над вршењето на ревизорските услуги во Република Македонија. Кон крајот на 2013 година Советот презема понатамошни активности за идниот развој на ревизорската професија во Република Македонија.

Од почетокот на 2013 година, во Македонија започна процесот на лиценцирање на друштвата за ревизија, овластените ревизори – трговците поединци и овластените ревизори. При тоа паралелно се потпишуваа меморандуми за соработка до домашни институции, пред се со големите регулатори заради размена на искуства во проблематиката околу процесот на лиценцирање и регулирање на професијата.

Во втората половина на 2014 година, овој процес на лиценцирање е заокружен со утврдување минимални услови кои треба да ги исполнуваат друштвата за ревизија, овластените ревизори – трговци поединци и овластените ревизори заради вршење на професионалните ревизорски услуги.

Во текот на 2014 година, Советот активно соработува и со Институтот на овластени ревизори на Република Македонија, заради остварување на своите надлежности утврдени во Законот за ревизија.

Во соопштението наведуваат дека од своето основање Советот настојува да ги детерминира позитивните и негативните трендови во ревизорската професија на Република Македонија со цел да донесе соодветни одлуки и да пропише повисоки стандарди за искоренување на негативните трендови и за јакнење на позитивните трендови и унапредување на ревизијата и подобрување на квалитетот на ревизорските услуги.

Се нагласува дека во делот на меѓународните активности, Советот до сега има потпишано неколку меморандуми за соработка со земјите од регионот и пошироко.