Македонија
16. March 2020 - 22:28

Советот за безбедност заклучи дека нема потреба за прогласување вонредна состојба

Советот за национална безбедност процени дека нема потреба од прогласување ниту на кризна ниту на вонредна состојба поради корна вирусот. По повеќе од два часа заседавање советот заклучи дека државата во овој момент соодветно се справува со превенцијата од ширење на епидемијата. Шефот на државата вели дека постојат законски осони владата да го ограничи движењето на граѓаните и без воведување на кризна состојба доколу се процени потреба од таква мерка. Засега останува кризната состојба само во Дебар и Центар Жупа каде Пендаровски вели дека имаат одлична соработка и со надлежните институции на терен и со жителите на двете општини.

Прво, основната е дека нема потреба. Сите надлежни институции деноноќно ја мониторираат состојбата на терен и реагираат фронтно. Значи, прво нема потреба. Второ, јасно е секаде во светот, за жал, кризата ќе трае. Кризата не е тука за да замине за недела или две. Ние мораме ресурсите кои ги имаме и кои не се толку издашни да ги димензионираме спрема реалните потреби и спрема реалните ризици, појасни претседателот Пендаровски.

Советот за безбедност вечерва воопшто не разговарал за можност за одложување на предвремените избори, бидејќи Пендаровски вели дека тоа не е во нивна надлежност. Сепак шефот на државата утре напладне ќе биде домаќин на лидерите на сите политички партии кои најавија учество во изборниот процес. Личниот став на Пендаровски е дека во оваа ситуација организирање на изборите е невозможно.

Јас се надевам дека утре во 12 часот, каде што јас ќе бидат само добар домаќин во таа ситуација, јас се надевам дека лидерите кои ќе дојдат утре тука ќе решат да ги одложат изборите, бидејќи во оваа ситуација е невозможно да организирате избори кои ќе бидат кредибилни и кои ќе бидат третирани како легитимни од поголемиот дел од населението“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Покрај редовните членови на советот за безбедност на денешната седница присуствуваа и началникот на генералштабот на армијата и министерот за здравство Филипче. Сите тие беа ги поминаа безбедносните мерки при влегувањето во вилата водно.