Македонија
4. September 2019 - 23:17

Советот за безбедност очекува турбулентен безбедносен период за земјата

Советот за национална безбедност по повеќе од три часа заседавање заклучи дека безбедносната состојба во државата е стабилна. Шефот на држава вели дека нема показатели за нејзино суштинско влошување.

-Безбедносната состојба во земјава е стабилна. Нема никакви индикатори ниту внатре во нашите граници, ниту надвор од границите во блискиот и поширокиот регион дека таа би можела битно суштински да се влоши до ниво да го загрози интегритетот и суверенитетот на Република Северна Македонија, изјави Пендаровски.

Сепак, Пендаровски предупредува дека во следниве педесетина  дена се можни турбуленции на политички и безбедносен план што се должи на моментот во кој се наоѓа Македонија, финализирање на интеграцијата во НАТО но и најавите за забрзување на решавањето на косовското прашање.

На седницата  иако беше поканет не присиствуваше лидерот на опозицијата Мицковски со образложение дека средбата била со низок степен на класифицираност на информациите и затоа немало потреба од негово присуство. За претседателот Пендаровски ова е само изговор.

Пендардовски најави дека во иднина Советот ќе се состанува на секои два до три месеци. Инаку ова беше прва конститутивна седница по три годишна пауза на ова советодавно тело.

Покрај шефот на државата,  членови  на Националниот совет за безбедност се собранискиот спикер Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни работи Никола Димитров и за одбрана Радмила Шекеринска, како и директорите на органите на државната безбедност.

Членови предложени од Претседателот се и Трајан Гоцевски, Ветон Латифи и Ненад Марковиќ