Македонија
29. October 2020 - 19:41

Советот за безбедност не гледа потреба од вонредна состојба или полициски час

Засега нема потреба од нова вонредна состојба, ниту од рестрикции на движењето и покрај рекордните бројки деновиве на новоинфицирани и починати од Ковид-19. На денешниот состанок на Националниот совет за безбедност воопшто не се разгледала опцијата за прогласување вонредна состојба бидејќи сега, за разлика од почетокот на пандемијата, земјава има функционална законодавна и извршна власт.

Според надлежните, ниту полицискиот час не ги дал очекуваните резултати, туку најдобра заштита останува почитувањето на мерките.

Властите ќе ги следат примерите од другите европски држави во справувањето со пандемијата. Доколку има потреба претседателот Пендаровски ќе ја ангажира и Армијата.

Засега нема одлука ниту за затворање на границите бидејќи, како што вели министерот Филипче, проблем е локалната трансмисија на вирусот, а не прекуграничните движења на луѓето.