Свет
2. March 2016 - 18:56

Советот за безбедност на ОН усвои нови санкции кон Пјонгјанг

Советот за безбедност на ОН денеска едногласно усвои Резолуција со која се воведуваат нови санкции кон Северна Кореја, како одговор на нејзините последни нуклеарни и ракетни тестови.

Како што јави Јонхап, новите санкции предвидуваат ограничување на извозот на Северна Кореја и целосна контрола на стоките што се изнесуваат и внесуваат во земјата по копнен, поморски или воздушен пат, со цел да се ограничи изворот на приходи на властите во Пјонгјанг.

Во документот најостро се осудуваат нуклаерните проби и ракетните тестови што ги изврши Северна Кореја од почетокот на годинава, кои се оценети како прекршување на претходните резолуции на Советот за безбедност усвоени во периодот од 2006 до 2013 година. 

Текстот на Резолуцијата 2270, кој претходно е усогласен меѓу САД, Кина и Русија, предвидува забрана за увоз на јаглен, железна руда, титан, ванадиум, злато и други благородни метали од Северна Кореја и воведување ембарго за извоз на авионско и ракетно гориво на земјата. 

Во посебен член на Резолуцијата се предвидува и заострување на ембаргото за извоз на луксузни стоки во Северна Кореја, со кое се опфатени и луксузни часовници, возила и јахти.

Во понеделникот рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин изјави дека Резолуцијата „не е 100 проценти идеална“, но нејзиното усвојување е неопходно поради „предизвиците што ги создава Северна Кореја“.

Американскиот претседател Барак Обама го поздрави усвојувањето на Резолуцијата, оценувајќи дека новите снакции „ќе ги запрат обидите на Пјонгјанг за прозиводство на оружје за масовно уништување“.

- Постојано повторувам дека Северна Кореја ќе се соочи со последици поради нејзините постапки и ја поздравувам резолуцијата како јасен, единствен и соодветен одговор на меѓународната заедница на неодамнешните севернокорејски провокации со кои флагрантно се прекршени повеќе резолуции на Советот за безбедност, нагласи Обама.