Свет
16. April 2016 - 10:04

Советот за безбедност на ОН го осуди севернокорејскиот ракетен тест

Советот за безбедност на ОН синоќа го осуди неуспешниот севернокорејски обид за тестирање ракета со среден дострел. оценувајќи дека тој претставува кршење на досега усвоените резолуции на Светската организација со кои на Северна Кореја и се забранува развој на програма за балистички проектили.

Во изјавата на Советот се бара од властите во Пјонгјанг во иднина да не преземаат никакви акции со кои ќе ги прекршат резолуциите на ОН и со кои ќе придонесат за зголемување на тензиите на Корејскиот Полуостров.

Како што јави вчера јави јужнокорејската агенција Јонхап, Северна Кореја извршила неуспешен обид за лансирање балистичка ракета со среден дострел од нејзиното источно крајбрежје. Ракетата најверојатно била од типот „Мусудан“, кој има дострел од над 3.000 километри. 

Во четртокот неименуван официјален претставник на властите во Сеул соопшти дека Пјонгјанг на источниот брег на земјата распоредила „една или две балистички ракети со среден дострел“, кои најверојатно ќе ги лансира по повод годишнината од раѓањето на основачот на Северна Кореја, Ким Ил-сунг. 

Денот на раѓањето на „вечниот лидер“ Ким Ил-сунг  - 15 април, во Северна Кореја по правило се прославува со воени паради, но и со лансирање ракети. 

Си-Ен-Ен во вторникот јави дека најновите сателитски снимки на американските разузнавачки служби укажуваат дека Северна Кореја се подготвува за лансирање на „балистичи ракети без преседан“.