Македонија
13. September 2021 - 19:48

Советот за безбедност бара од Владата итно подобрување на функционланоста на системот за кризи

Поефикасен систем за управување со кризи кој ќе може да се справи со непогодите во земјава. Како до оваа цел – една од двете точки на денешната седница на Советот за национална безбедност. Решенијата ќе ги бара работна група, која треба ги предложи што поскоро.

“Советот за безбедност и предложи на Владата, во најкус можен рок да се формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи. Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки со цел системот за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен”, соопштија од Кабинатот на претседателот Пендаровски по завршувањето на речиси 4-часовната седница.

На 13-та седница на Советот за безбедност, освен за пофункционален систем за управување со кризи, се дискутирало и за лицата од Авганистан прифатени во земјава.

Македонија е подготвена за прием на овие лица, за кои досега се направени сите неопходни безбедносни проверки и протоколи за нивен претстој во државава, констатирале присутните.

Македонија досега прими 149 од вкупно најавените 780 загрозени цивили од Авганистан. Дали се ризик за земјава проверува Агенцијата за национална безбедност, чиј директор Виктор Димовски беше присутен на денешната седница на покана од претедателот Пендаровски.

Покрај редовните членови, на состанокот присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути како и националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Зоран Петров.