Македонија
5. February 2019 - 18:06

Советот на Општина Охрид не расправаше по точките за легализација на објекти во Коњско и Пештани

Вршителот на должноста градоначалник на Охрид Константин Георгиески ги повлече од дневен ред на денешната седница на Советот на општината точките што се однесуваа на легализација на бесправно изградени објекти во населбите Коњско и Пештани, поточно на автокампот „Градиште“. Притоа таквата одлука образложувајќи ја со одредени неправилности во процедурите и реакциите кај јавноста.

По однос на прашањето за легализација на објекти во автокампот „Градиште“, Георгиески со став дека формално-правно службите солидно го изработиле предметот, обезбедени се позитивни мислења од НП „Галичица“ и од Министерството за животна средина, како и од Комисијата за денационализација.

– Но, со оглед на тоа што сега Комисијата е разрешена, точките ќе ги повлечеме и ќе почекаме мислење од новата комисија. Што се однесува до спрчувањето на бесправни градби општо, прва работа што ја направив кога дојдов на оваа функција е што распишав нов оглас за градежен инспектор, тука ни е потребно екипирање и правиме се да го спречиме несовесното однесување и бесправно градење, рече Георгиески.

Опозициската советничка група на ВМРО-ДПМНЕ со став дека општинската администрација го доживува Советот како место за носење чудни одлуки кога станува збор за процесот на легализација, институција што би можела да биде злоупотребена за легализација на објекти без проверка.

– Ние не можеме да бидеме полицајци при водењето на постапката. Ако ја изземеме администрацијата, градоначалникот и неговите соработници мора да проверат какви точки доаѓаат до нас како советници. Ние како советници, се надевам колегите од СДСМ ќе не поддржат, ќе побараме да ни се доставуваат и фотографии од она што треба да се легализира. Се поставува прашањето дали можеби е на повидок скандал како случајот со земјотресите, истакна Кирил Пецаков, координатор на советничката група на опозицијата.

Дел од засегнатите граѓани кои се јавуват како наследници на имот во автокампот „Градиште“ со конкретни барања за враќање на имотите, на површина од сто илјади метри квадратни, имот за кој како директни наследници се јавуваат стотина семејства.

– Дваесет години водиме постапка низ лавиринтите на институциите. И покрај добиените решенија од Управен суд, има замешани страни од страна на комисиите за денационализација, почнувајќи од првата претседателка Маја Парнарџиева, која е најголем виновник за оваа наша несреќа, па Милка Славкоска и Валентина Димитроска, последна претседателка. Даваат обесштетување на имотот, се прогласуваме за наследници, имотите се наши, но даваат некоја минимална цена. Некој сака да го приграби ова атрактивно земјиште кое според вештачењата достигнува цена и до 12.300 денари за метар квадратен, а нам ни нудат цени од 220 до 275 денари, појаснува Ѓорѓи Танески од Пештани.

Наследниците на имотите најавија дека доколку не биде решен проблемот повторно ќе ги радикализираат активностите, со најави за блокирање на автокампот. Заштита на нивните права тие гледаат во новата комисија за денационализација што ја најави премиерот Зоран Заев.