Македонија
3. March 2017 - 16:58

Советот на јавни обвинители не расправаше за случајот „Пуч“

Советот на јавни обвинители обвинува дека Катица Јанева и натаму ја опструира нивната работа. Претседателот Аневски вели дека со месеци чекаат Специјалното обвинителство да им ги достави предметите кои ги бараат. На следната седница Советот ќе расправа дали е законска одлуката на СЈО за откажување од обвинението за предметот Пуч, со која од вина беа ослободени лидерот на СДСМ Зоран Заев и екс-разузнавачот Верушевски. Советот на јавни обвинители исто така треба да го оценува и однесувањето на специјалните обвинителки Фатиме Фетаи и Катица Јанева на последното рочиште за немирите пред општина Центар, кога тие беа казнети со по 2.000 евра поради директните навреди и закани кои ги упатија кон судијката.

Откако Специјалното обвинителство одлучи да се откаже од обвинението за Пуч, Советот на Јавни обвинители по претставка добиена од МВР, ги побара списите од предметот со цел да одлучи за понатамошното постапување. И по двете средби кои се одржаа помеѓу членовите на Советот и специјалните обвинители, Јанева не сакаше да одговори дали ќе ја предаде документацијата за Пуч. Следните чекори на Советот најверојатно ќе бидат познати следната недела.