Македонија
1. November 2017 - 16:20

Советот на јавни обвинители ја почна постапката за избор на нов државен јавен обвинител

Членовите на советот на јавни обвинители ги разгледуваат пријавите на кандидатите за прв човек на државното обвинителство. Денеска почна седницата на која треба да се даде мислење за секој кандидат поединечно. Врз основа на нивното работно искуство во правото советот ќе одлучува кои од кандидатите ќе добијат позитивно мислење што е главен услов во понатамошната постапка за избор.

23 апликации пристигнаа на конкурсот за избор на нов државен јавен обвинител. Поради големиот број пријави, седницата на советот на јавни обвинители за оценка на кандидатите, ќе трае неколку денови.

Претседателот на советот на јавни обвинители Коле Штерјев вели дека постапката за оценување најверојатно ќе трае до крајот на неделава а оценките за пријавените ќе ги објават преку соопштение. По ова сите апликации советот ќе ги испрати до Владата а таа од кандидатите кои ќе добијат позитивно мислење, треба да избере еден кандидат кој ќе го предложи до Собранието. За таквиот предлог ќе дебатираат пратенците кои со просто мнозинство од 61 глас ќе го доделат шест годишниот мандат на новиот јавен обвинител.

Инаку во трката за прв човек на обвинителството се истакнати адвокати, судии но и актуелни обвинители.