Македонија
3. April 2020 - 12:31

Советот на Град Скопје одржува седница на отворено

 Советот на Град Скопје денеска одржува седници на отворено, на просторот пред салата на Советот на Град Скопје, поради пандемијата со коронавирусот во државата.

Како што соопшти Град Скопје, на 50-та редовна седница советниците ги разгледуваа Предлог-годишната сметка на Буџетот на Град Скопје за 2019 година и Годишниот извештај на Град Скопје за 2019 година. На шестата вонредна седница ќе се расправа за економските мерки што ги презема Градот, за ублажување на економските последици од настанатава состојба.

Градските власти потсетуваат дека Советот на Град Скопје на 11 февруари 2020 година го усвои Извештајот за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2019 година, а во минатата година остварени се вкупни приходи и други приливи во износ од 5,7 милијарди денари, што претставува остварување од 87,2 отсто во однос на планот за 2019 година.

-Град Скопје во изминатиот период освен што посветено работеше на подобрување на сервисните услуги за граѓаните, напорно работеше на капитални проекти и нивна реализација инвестирајќи истовремено во повеќе области што ги покрива согласно со надлежностите. Сепак, Град Скопје со своето домаќинско работење има Буџетот на стабилни нозе и може да ги исполни своите цели, па така во интерес на полесно надминување на економските последици од пандемијата со коронавирусот ќе се откаже од дел од средствата од најголемите приходни ставки како: комуналиите, коминалните такси, закупот на јавен простор и други давачки, се вели во соопштението од Град Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во своето излагање пред советниците се осврнал на финансиското работење на Градот.  – Во Годишната сметка на Град Скопје за 2019 година, Градот има остварено повеќе тековни приходи, како и извршено отплата на главнина по постојното задолжување и притоа прикажуваме суфицит во износ од 528.010.827 денари. Исто така, Град Скопје нема ново задолжување во 2019 година ниту пак користи дел од средствата кои биле префрлени како непотрошени од претходната 2018 година, напротив имаме кумулирано дополнителен вишок на приходи во износ од 364.424.419 денари. Воедно, Град Скопје има извршено отплата на главница во износ од 163.586.408 денари, рече Шилегов.

-За 2019 година во вкупниот Буџет на Град Скопје, вкупните приходи и други приливи се остварени во износ од 5,7 милијарди денари, што претставува остварување од 87,2 отсто во однос на планот за 2019 година, или по поединечни буџети е следното:Основен буџет – 3,9 милијарди денари (88,5 отсто); Буџет на дотации – 1,6 милијарди денари (95,2 отсто); Буџет на самофинансирачки активности – 153 милиони денари (50 отсто) и Буџет на донации – 49 милиони денари или 34 отсто остварување. Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за 2019 година, се извршени во вкупен износ од 5,3 милијарди денари што претставува процентуално извршување од 82 отсто во однос на планираните расходи и одливи за 2019 година. По однос на поединечни Буџети, реализацијата на расходите е следна: Основен Буџет – 3,6 милијарди денари (81 отсто); Буџет на дотации – 1,6 милијарди денари (93,3 отсто); Буџет на самофинансирачки активности – 153,6 милиони денари (50 отсто); и Буџет на донации – 49,5 милиони денари (34 отсто), изјави Шилегов.

По однос на Годишниот извештај, Шилегов рече дека тој е составен од годишна сметка, извештај за реализацијата на капиталните инвестиции во Град Скопје, извештај за средствата, побарувањата, обврските и изворите на средства и нивната вредност, годишен извештај за трошење на резервите извештај од одговорниот сметководител со кој се потврдува точноста и веродостојноста на годишната сметка.

– Со предложување на овие два документи на Вас како советници, што всушност е наша законска обврска, ја затвораме 2019 година и сега како никогаш порано е потребно сите ние да ги вложиме нашите напори и ресурси и максимално да се насочиме кон 2020 година, за која сме свесни дека ќе биде тешка и неизвесна за сите нас. Ни претстои борба како на општествен така и на економски план, но мислам дека со заеднички сили ќе го надминеме и овој сериозен предизвик, нагласи Шилегов во своето обраќање пред советниците.

Советот на Град Скопје на денешните седници, 50 –та редовна и шестата вонредна седница, ги разгледаа и предложените годишни финансиски извештаи на јавните претпријатија на Град Скопје, на средните училишта на Град Скопје, на културните институции, Годишниот извештај за работата на Комисијата за унапредување на правата на пациентите на град Скопје за 2019 година…