Советот на Град Скопје донесе одлука за намалување на бројот на предвидените нови вработувања во јавните претпријатија и установи

Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука со која се намалува бројот на предвидените нови вработувања во јавните претпријатија и установи на Град Скопје.
Со одлуката се прави оптимизација на бројот на вработени, со цел поодговорно управување со градскиот буџет и насочување на човечките ресурси кон работните места кои се директно поврзани со функционирањето на градот и услугите за граѓаните.
Приоритет ќе имаат теренските и оперативните позиции каде што постои реална потреба од дополнителен кадар – пред сè возачи во ЈСП, работници и возачи во ЈП „Комунална хигиена“, како и друг оперативен кадар неопходен за одржување на градските услуги.
Истовремено, административните позиции се сведуваат на минимум, со цел средствата и кадарот да бидат насочени таму каде што има најголема потреба – на улиците, во парковите, во јавниот превоз и во останатите услуги кои граѓаните ги користат секојдневно.
Од Градот посочуваат дека ова преструктуирање има за цел поефикасно работење, поодговорно управување со јавните средства и создавање услови за подобрување на клучните градски услуги.
Со новата политика, приоритет се дава на работните места кои директно придонесуваат за функционирањето на Скопје и секојдневниот живот на граѓаните.
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук напиша дека драстично се намалуваат новите вработувања во Град Скопје.
- Секој денар од граѓаните мора да има јасна цел, а секое вработување вистинска потреба и конкретна работа. Скопјани заслужуваат јавен сектор кој ќе ја оправда нивната доверба со чисти улици, уредени паркови, редовен превоз и навремени услуги. Денес, на седницата на Советот на Град Скопје, е донесена одлука со која ставаме крај на децениските лоши практики на неконтролирано натрупување на администрацијата и дополнително оптоварување на градскиот буџет. За првпат досега, во сите јавни претпријатија и установи се предвидуваат помалку нови вработувања. Истовремено, вкупниот број вработени, особено во јавните претпријатија, се намалува по законски основи. Ова е реална оптимизација, со цел поефикасно работење и поодговорно управување со парите на скопјани - потенцира градоначалникот.
Како што нагласува тој, приоритет имаат луѓето што секојдневно ги обезбедуваат услугите од кои зависи градот - возачи во ЈСП, работници и возачи во ЈП „Комунална хигиена“ и оперативен кадар таму каде што навистина недостига.
- Најголемиот дел од предвидените нови вработувања се за луѓе кои ќе работат на терен и директно ќе им служат на граѓаните, додека административните позиции се сведени на минимум. Потребите на улиците, парковите и јавниот превоз конечно го добиваат приоритетот што го заслужуваат - посочува градоначалникот.
Ѓорѓиевски наведува дека со ова историско преструктуирање се насочуваат средствата и кадарот таму каде што се најпотребни за функционирањето на Скопје. - Го штитиме буџетот и создаваме услови за подобри услуги. Времето на пренатрупување на администрацијата и оптоварување на граѓаните го оставаме зад нас. Воведуваме ред, одговорност и работа што се гледа. Скопјани заслужуваат функционален град. Секое работно место мора да придонесува за тоа, а секој потрошен денар да биде оправдан пред граѓаните - потенцира скопскиот градоначалник.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Анкетите се лоша вест за опозицијата, клевети, навреди и измислици не поминуваат
-

Уапсен 31-годишник, кршел низ домот на својот чичко, па ја истепал сестра му
-

Ѓорѓиевски: Градските цвеќарници повторно ги ставаме во функција
-

Царинска управа: На Богородица спречен шверц на заштитени видови змии
-

Уапсен 28-годишник од гостиварско, пронајдени кокаин и марихуана
-

Светски ден на менталното здравје: Барањето помош не е слабост, секој човек заслужува да биде слушнат и разбран
-

Изложба по повод 80 години од пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје
-

Трамп: Норвешка има „неизбришлива дамка“ зашто не ми додели Нобелова награда за мир
