Македонија
15. December 2015 - 15:50

Советот на ЕУ ја потврди условената препорака за преговори со Македонија

Советот за општи работи (ГАК) на Европската унија попладнево ги усвои заклучоците во однос на проширувањето на Европската унија, а за Самитот на Европскиот совет што ќе се одржи в четврток и петок. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, очекувано за Република Македонија министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата го потврдија заклучокот во прогрес-извештајот на Еворпската комисија, според кој Советот ќе се наврати на препораката за отворање на пристапните преговори по изборите во април 2016 година и успешно спроведените итни реформски приоритети.

Во деветте заучоци за Македонија, Советот на ЕУ најпрво го повтори својот заклучок усвоен во декември 2014 година, како и во април 2015 година, а во однос на посветеноста на ЕУ во рамки на Солунската агенда и кандидатскиот статус на Македонија, при што се нотира дека: „Советот безрезервно ја повторува својата посветеност на пристапниот процес во ЕУ на БЈР Македонија”.

Но, Советот ја повтори својата сериозна загриженост за состојбата во земјата, посебно сериозната политичка криза, обележана со како што се наведува „поделената политичка култура, недостатокот на култура и компромис, назадувањето во слободата на изразувањето и во судската независност, како и во понатамошната ерозија на довербата во јавните институции”.

- Советот го поздравува договорот од јуни/јули, нотирајќи ги досега преземените чекори за имплементирање, вклучително и враќањето на опозицијата во Парламентот и усвојувањето на промените во Изборниот законик и повикува за негова целосна и конструктивна имплементација од страна на сите страни, според договорениот распоред и целите, а во интерес на земјата и нејзините граѓани, се вели во вториот заучок за македонската држава.

Советот го повтори и својот повик за поконструктивен и инклузивен политички дијалог во земјата и ја истакна важноста „изборите во април 2016 година да бидат спроведени на кредибилен начин, според меѓународните стандарди и ги повикува сите страни да обезбедат еднакви услови за сите и изборни реформи според препораките на ОБСЕ/ОДИХР”.

Во однос на скандалот со прислушуваните разговори, Советот ја повтори важноста „од темелна и независна истрага, без пречки, на обвинувањета за прекршоци што излегоа на виделина од страна на прислушувањето и поврзаните грешки од надзорот”. Исто така, Советот на Унијата го поздрави изборот на Специјален обвинител и создавањето на парламентарна Анкетна комисија за соодветно да се истражат наодите за правна и политичка одговорност. Притоа, се повикуваат одговорните власти да поддржат независно функционирање на овие тела.

Советот на ЕУ го повтори и својот повик до одговорните власти во Македонија за целосно да се истражат настаните од Куманово на 9 и 10 мај 2015 година, на објективен и транспарентен начин.

- Советот го повторува повикот до сите страни да го почитуваат своето ветување за имплементаиција на итните реформски приоритети, да се посветат на системското владеење на правото, вклучително и во однос на прекршувањата на основните права, независноста на судството, слободата на медиумите, изборите, корупцијата, политизацијата на државните институции и замаглувањето на државата и партијата и неуспесите во надзорот. Со цел да се оценат системските недостатоци во областа на судството, корупцијата, основните права и внатрешните работи, што е нотирано во итните реформски приоритети, Советот ја поздраувва намерата на Европската комисија да продолжи одблиску да ги мониторира овие области, вклучително и преку Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), се наведува во четвртиот заклучок за Македонија.

Советот на ЕУ, исто така побара „прегледот на Охридскиот рамковен договор брзо да се комплетира и неговите препораки да се усвојат”.

Според веќе воспоставената практика, а како што е утврдено на претходните Европски совети и на заклучоците на Советот, шефовите на дипломатиите на ЕУ-земјите посочија дека за Македонија „одржувањето на добрососедски односи, вклучително и договорено и заеднички прифатливо решение за прашањето за името во рамки на Обединетите нации, останува есенцијално”.

Во овој поглед, Советот позитивно ја нотираше релевантната посветеност на лидерите на главните политички партии во рамки на договорот од 2 јуни и прапорача дека „има потреба од тоа долготрајните дискусии за прашањето за името да се донесат до дефинитивен заклучок без одлагање”. Исто така, стандарндо, Советот препорача дека треба да се избегнуваат активности и изјави што ќе имаат негативно влијание на добрососедските односи. Нотирани се и продолжените контакти на високо ниво и на експертско ниво меѓу Македонија и Бугарија, насочени во засилување на добрососедските односи и очекува тие да се преведат во конкретен резултат.

- Советот нотира дека Еврокомисијата е подготвена да ја достави својата препорака за отворање на преговорите за членство со БЈР Македонија, условена со продолжена имплементација на договорот од јуни/јули и значителен напредок во имплементацијата на итните реформски приоритети. Советот ќе се наврати на БЈР Македонија по изборите во земјата во април 2016 година, а врз база на ажурирање од страна на Европската комисија што се очекува пред летото, а во согласност со заклучоците од декември 2014 година и воспоставената условеност, се вели во клучниот заклучок за Македонија.

Во генералниот пакет за проширување, Македонија и останатите земји-кандидати долж западно-балканската мигрантска рута се пофалени за нивните напори во справувањето со оваа криза што ја тресе Европа. Забелешки за партизација на државната администрација, независност на судство, слобода на медиуми и корупција се сериозно посочени и во препораките за Србија, Црна Гора, Албанија, Турција, Косово и Босна и Херцеговина.