Македонија
17. December 2018 - 16:43

Советникот обвинет за насилство во Центар тврди дека во Будимпешта бил за лекарски прегледи

Александар Трајковски потврди дека бил во Будимпешта. На денешното судење за случајот „Насилство во Центар“, објасни дека таму се лекувал од синуси. Рече дека ќе го немало на фотографијата со Груевски ако бил еден чекор поназад. Судот и обвинителството побараа документација од лекувањето на Трајковски во странство.

„Тој изјави дека во Будимпешта заминал заради лекување. Околу две години имал здравствени проблеми во Македонија кој што не бил задоволен како тука бил лекуван. Заминал во Будимпешта и таму наводно е направено ново дијагностицирање и утврдена е точната дијагноза од која тој сега ќе продолжи да се лекува во Р. Македонија“, изјави Боро Тасевски, Адвокат.

За насилствата во Центар, му се суди и на екс премиерот Никола Груевски. Неговиот адвокатски тим, денеска објави дека повеќе не го застапува. Велат така се исклучува сомнежот дека Груевски ќе биде информиран за пресудата и нема да го изгуби правото за повторено судење. Од Министерството за правда признаваат дека немањето меѓународна потерница е причината што ниту една држава не можела да го спречи движењето на Груевски. И агенцијата за разузнавање смета дека отсустувала коордираност на институциите но во интерес на членството во НАТО, не било добро да се бара вината кај нив вели директорот Иванов.

„Од заеднички интерес за сите граѓани е да се воздржите од тие призволни, самоволни толкувања на работите дали било за нашата работа или работата на нашите колеги“, изјави Зоран Иванов, Директор на Агенцизја за разузнавање.

Во меѓувреме, од правда велат дека во тек е подготовка на барањето за екстрадиција на екс разузнавачите Грујевски и Бошковски од Грција. Министерството аргументира дека е незаконско помилувањето кои двајцата го добиле од претседателот на државата.

„Помилувањата се дадени без правен основ, на законски одредби што во моментов не се во правна сила во Р. Македонија и од тие причини практично не ни произвеле правно дејство. Секако се образложува  и постапката која е правена со измена на законот и повлекувањето“, вели Рената Дескоска Министер за правда.

Во мај годинава грчкиот суд ги ослободи Грујевски и Бошковски објаснувајќи дека со помилувањето на Иванов, тие повеќе не се виновни и не се дозволува нивната екстрадиција во Македонија.