Свет
5. December 2017 - 17:21

Совет за регионална соработка: Западниот Балкан на крстосница

  Во Брисел денеска е одржат 18. Политички самит за Западен Балкан наречен „Западниот Балкан на крстосница: Нови предизвици, промена на динамиката“, кој се занимава со темите мир, демократија и помирување во регионот, како предуслов за економската и општествената стабилност, но и деловната перспектива и неопходните реформи.

Собирот, организиран од Советот за регионална соработка, го отвори премиерот на Албанија Еди Рама велејќи дека Европската унија е важна движечка сила за Балканот, бидејќи без неа регионот не би можел да ги спроведе постоечките реформи и се што се случува на Балканот, се случува бидејќи Балканот сака да биде дел од европското семејство.

- Ако оваа надеж избледи, нештата би можеле да отидат во погрешна насока. Затоа нашето прашање не е што ќе се случи меѓу нас, туку што ќе се случи меѓу нас и ЕУ, праша Рама, соопшти РСС.

Повеќегодишниот акционен план за Регионалниот економски простор на Западниот Балкан, кој го подготви Советот за регионална соработка, а  кој лидерите на шесте економии од Западниот Балкан го поддржаа на самитот на Берлинскиот процес 12 јули 2017 година во Трст, е во средиште на вниманието на разговорите и посочен како чекор кон заедничката цел на регионот, а тоа е членството во ЕУ.

- Имаме план за напредок на регионот и сега само треба да го спроведеме, рече генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ говорејќи на панелот „Деловната перспектива се подобра, но реформите мора да продолжат“.

- Повеќегодишниот акционен план за Регионалниот економски простор во шест економии на Западниот Балкан е јасен план со кој се предвидени подобрувања во областа трговија, со сето она што веќе досега е направено за да се опфатат трговските услуги и отстранување на нецаринските бариери, но и да се пронајдат начини како да се привлечат инвестиции и така да се направи регионот конкурентен, наведе Свилановиќ.

Според неговите зборови, повеќегодишниот акционен план опфаќа и овозможува мобилност на стручните лица, истражувачите, иноваторите, студентите и други по пат отстранување на постоечките препреки и на крај од особена важност, дигитализација и дигитална интеграција на регионот.

Според годинешниот извештај за спроведување стратегија „ЈИЕ 2020“ Советот за регионална соработка за 2017 година повтори дека растот на вработеноста претставува приказна за успехот.

Економиите на Западниот Балкан успеаја во текот на претходните пет години на пазарот на трудот да додадат речи 400 илјади работни места. Иако учинокот се разликуваше од една до друга економија, се очекува овој очигледен тренд на пораст да продолжи и во наредните години.

Сепак, и покрај овие охрабрувачки резултати, балканскиот барометар за 2017 година на Советот за регионална соработка покажува дека невработеноста останала најголем проблем на граѓаните во регионот што е потврдено од 67 отсто од нив.

Директорот на Директоратот за проширување и соседска политика при Европската комисија Кристијан Даниелсон рече дека меѓу лидерите на Западниот Балкан постои голема заложба да се оствари напредок во реформите на патот за пристапување кон Европската унија.

- За некои економии би било болно, но би донело сакани резултати. Видовме промени во насока на економскиот модел во регионот кои се охрабрувачки. Потенцијалот на регионот лежи во регионалната соработка. Во блиска соработка со Советот за регионална соработка во моментов работиме на регионалниот економски простор, бидејќи го гледаме како силен двигател на растот и отворање на работни места во регионот кои ќе донесат корист за луѓето. Не се работи за алтернатива на проширувањето на ЕУ, туку за загревање за неа, наведе Даниелсон.

Инаку, бриселскиот собир собра околу 200 луѓе меѓу кои некои од водечките политичари и носители на одлуки од Балканот кои ја разгледуваат иднината на Западниот Балкан со посебен осврт на невработеноста како горлив проблем на регионот, бројни очекувани реформи на патот кон пристапување кон ЕУ.

Собирот го организираа Пријателите на Европа, водечка стручна организација со седиште во Брисел со поддршка на Европската комисија, Советот за регионална соработка, Фондацијата „Конрад Аденауер“, Развојната програма на ОН и Фондацијата на браќата Рокфелер“ одржан е денеска во Брисел