Македонија
25. February 2016 - 15:30

Совет за етика во медиумите: Да се информира според новинарските стандарди

Во денешниве услови во новинарството, многу се полага на саморегулацијата во медиумите. На тоа укажуваат невладините организации, институциите и меѓународната заедница, смета Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите во Македонија.

Советот денеска во Прилеп, пред новинарите, медиумите и невладините организации одржа дебата на тема: „Медиумите, изборите и улогата на саморегулацијата“. На дебатата говореа и Мирче Адамчески, претседател на Комисијата за жалби при Советот, Сефер Тахири и Филип Ѓурчиновски, членови на Комисијата и Драган Антоновски претседател на Управниот одбор.

- На дебати низ градовите во земјава, ја претставуваме работата на Советот за етика во медиумите како саморегулаторно тело и говориме за најчестите тенденции во македонското новинарско известување и како да се решаваат проблемите, рече Тунева.

Според Мирче Адамчески, претседател на комисијата за жалби има неетичност и непрофесионализам и тоа во голема мера, а тоа е присутно и во медиумите во регионот.

- Поплаки и преставки до Комисијата упатуваат граѓаните, невладините организации и новинарите. Најчесто се однесуваат за неетичко информирање, непретставување на втората страна во случајот за кој се известува, за говор на омраза во известувањето, за повреда на приватноста, за загрозување на човековите права. Во една и пол година од работата на Комисијата досега се поднесени над 80 жалби. Како тело донесуваме одлуки и доколку има нарушувања, се сугерира медиумот тоа да го објави, но за жал често не се прави тоа, прецизира Адамчески.

Сефер Тахири, член на Комисијата објасни дека, иако повеќето медиуми ја потпиша повелбата за етичко известување за изборите, тоа треба да се покаже и во практиката.

- Од дел медиуми има еднострано известување, а се чувствува и длабоката поделеност меѓу новинарите. Во моментов се неповолни и односите меѓу партиите и медиумите, а власта во добар дел има надмоќ, посочи Тахири.

Членот на Комисијата за жалби при Советот, Филип Ѓурчиновски ги поттикнува граѓаните да реагираат на неправилностите во известувањето во медиумите, а претседателот на Управниот одбор на Советот за етика, Драган Антоновски вели дека мора да има саморегулација.

- Новинарите се за да ја информираат објективно јавноста, а сопствениците на медиумите да ги водат медиумите, но не да им наложуваат како ќе известуваат новинарите. Преку избалансираното известување, и медиумот ќе има доверба во јавноста, а оттука и ќе има многу реклами и економски бенефит за сопстевникот. Во моментов, новинарството е изместено и повеќе ја збунува, отколку што ја информира јавноста. Мора да се почитуваат стандардите за информирање. Сега е прашањето колку и како ќе ја одбраниме професијата, нагласи Антоновски.

Управниот одбор на Советот за етика во медиумите во Македонија е составен од 7 члена, од кои четири се од редот на сопствениците на медиумите, кои се меѓу основачите на Советот, и тројца од редот на новинарите. Советот за етика има веб-страница и профили на социјалните мрежи.