Македонија
20. April 2016 - 10:10

Совет за етика: Медиумите да известуваат професионално и да не разгоруваат тензии

Советот за етика во медиумите апелира медиумите да не ја злоупотребуваат својата улога и да послужат како платформа за потпалување на ситуацијата и засилување на тензиите во општеството. Медиумските извештаи, велат од Советот, мора да ја содржат вистината и да не иницираат полемики кои ќе разгоруваат тензии. 

- Советот за етика во медиумите, набљудувајќи го медиумското известување по најновите превирања на политички план и реакциите на граѓаните, повторно ги потсетува медиумите да не ја злоупотребуваат својата улога и да послужат како платформа за потпалување на ситуацијата и засилување на тензиите во општеството. Имајќи го предвид фундаменталното право на слобода на медумите, ги потсетуваме новинарите и уредниците дека медиумските извештаи мора да ја содржат вистината и да не иницираат полемики и дискусии со кои ќе се разгорат тензиите и ќе се влошат односите меѓу граѓаните, се вели во денешното соопштение од Советот за етика во медиумите.

Во него се посочува дека медиумите мора да дејствуваат на начин што ги разликува од обични преносители на информации и факти и оти треба да ја применат и својата улога како смирувачи на тензиите во општеството, особено, како што потенцираат од Советот, во случаи кога се изнесуваат проценки за можна ескалација на случувањата.

- Тие треба да ги објаснат фактите, учесниците во случувањата, различните позиции и прашања, како и внимателно и аналитички да ги истражат настаните. Не е новинарски да се развиваат и градат дебати врз основа на лаги и невистини, со што граѓаните би се довеле во заблуда. Пренесувањето и давањето простор на шпекулации се изедначува со ширење невистини и пропагандизам, наспроти урамнотежено и професионално информирање. На јавноста треба да и се понуди вистинската слика и да се претстават објективните потреби и загриженост, а особено имајќи предвид дека граѓаните кои не биле дел од одредени случувања својата информираност ја потпираат токму на медиумите, истакнуваат од Советот.

Медиумите, а особено интернет порталите, се посочува во соопштението од Советот за етика во медиумите, не смеат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за пропаганда и повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството.

- Поддржувајќи го и правото на граѓанските активисти да послужат како извори на информации за случувањата, ги потсетуваме медиумите на нивната улога особено да внимаваат на кредибилноста на изворот на информациите, задолжително да користат повеќе извори на информации, да известуваат со кредибилитет и објективно и урамнотежено да ги претстават случувањата во нивниот вистински контекст, се додава во соопштението.

Од Советот бараат да не се симнува нивото на професионално однесување  и да не се дозволат лаги, полувистини и еднострани информации кои на граѓаните би им се сервирале како проверени и вистинити вести.

Притоа од Советот ги потсетуваат медиумите на нивните обврски да известуваат професионално и според принципите на неодамна потпишаната Повелбата на Советот за етичко известување на медиумите.

Коментарите и анализите се важен дел од новинарството со оглед на тоа дека граѓаните имаат потреба од толкување на ситуациите и околностите, но медиумите не смеат да ги злоупотребуваат овие жанрови за да пласираат погрешни интерпретации на реалноста и да поттикнуваат тензии и неприфатливо однесување на различни актери во општеството, сметаат од Советот за етика во медиумите.

Во битката за стекнување поголема публика, посочуваат оттаму, не смее да настрада професионалното новинарство и улогата на медиумите како активен и објективен набљудувач на случувањата, а недостигот на медиумски слободи не смее да се искористува како аргумент за погрешно однесување и пласирање невистини.