Македонија
11. May 2019 - 19:45

Совет од полицијата до матурантите- не возете пијани

Кога се управува возило не се конзумира алкохол. Последиците може да бидат фатални. Честопати ваквиот чекор резултира со тешки телесни повреди, а не се ретки и случаите кога исходот е трагичен.  Со овие пораки црвениот крст од Струмица и секторот за внатрешни работи ги потсетија матурантите дека на матурската  забава не треба да управуваат возила под дејство на алкохол. Преку практичен пример и симлациска вежба на сообраќајна несреќа со двајца повредени и одблиску им ја покажаа сликата која никој не ја посакува но може да се случи. На матурантите им порачаа на забава да отидат со организиран превоз или такси, а на родителите да влијаат на нивните деца да не седнуваат зад волан кога пијат алкохол.

,, Да го свртиме вниманието на сите учесници во сообраќајот за претстојните матурски вечери дека кога се управува возило не се конзумира алкохол. Да користат организиран превоз за таквите манифестации и на следните вечери кои што исто ги користат за прослави да користат такси превоз доколку веќе имаат намера или пак знаат дека ќе конзумираат алкохол.,, вели Марјана Тошева секретар на Црвен крст- Струмица.

Симулациската вежба е само дел од превентивните активности за последиците од управување возило под дејство на алкохол.  Освен ова,  во средните училишта ќе бидат реализирани и серија едукативни предавања преку кои ќе им се укаже на матурантите дека  возило се управува со посебно внимание и никако под дејство на алкохол. Покрај црвениот крст и отсекот за превенција во овие едукации се вклучени и противпожарната единица и дирекцијата за заштита и спасување.