Македонија
5. February 2016 - 16:53

Совет на јавни обвинители: Катица Јанева го прекршила законот

Советот на Јавни обвинители потвди – Катица Јанева незаконски и брутално ги избркала двете обвинителки од Специјалното јавно обвинителство. Според Аневски, исказот на Јанева дека обвинителките сами побарале да си заминат е лажен, со што таа ги прекршила законите за Јавно обвинителство и за работни односи. Советот утврдил дека обвинителки се избркани без претходна најава, а при нивното иселување од канцелариите интервенирала и судската полиција. Дали тие ќе продолжат да работат или не, Советот ќе одлучува на следната седница.

– Нема да покренеме дисциплинска постапка, а за неа треба да покрене постапка само републичкиот јавен обвинител и виш јавен обвинител. Таа непрофесионално, неетеичко и незаконито ги отстранила двете обвинителки и во нејзиниот исказ кажува: “Погрешив, навистина требаше да ве известам но во иднина ќе се трудам да ве контактирам и нема да носам одлуки без вие да бидете информирани претходно“, рече Аневски.

Советот на Јавни обвинители  денес ја разгледуваше и претставката поднесена од судија на Управниот суд против член на тимот на Катица Јанева, кој со закани во скопска кафеана барал судијата да се произнесе за одлука која ја донел пред неколку години. И во овој случај Советот  констатираше неетичко работење на Специјалното јавно обвинителство, но Јанева сама треба да одлучи  дали за овој случај ќе покрене дисциплинска постапка, особено откако и сама тврдеше дека нејзиниот тим не врши притисоци врз сведоците.   

– Сметаме дека тоа е непристојно однесување, но ово оваа фаза одлучивме претставката да ја пратиме кај Катица Јанева да оцени дали таа треба да покрене дисциплинска постапка против јавниот обвинител, рече Аневски.

Од специјалното јавно обвинителство нема коментар за денешните заклучоци на Советот на јавни обвинители. Пред неколку дена Јанева потврди дека до 15 март нејзиното обвинителство ќе достави детален извештај за својата работа до Советот и Собранието.