Македонија
1. March 2016 - 16:49

Состојбата со мигрантите на македонско-грчката граница кај Гевгелија засега е мирна

На јужната гранична линија состојбата е стабилна.  За разлика од вчера кога бегалците се обидоа насилно да ја урнат заштитната ограда и ја каменуваа македонската полиција денеска тие протестираат мирно извикувајќи отворете ја границата.

Во неутралната зона во близина на Идомени веќе има околу 8000 лица, бројка  која има тенденција на зголемување бидејќи постојано пристигнуваат нови групи бегалци. Дел од нив се сместени во кампот, а еден дел во стотиците шатори поставени на околу стотина метри од заштитната ограда. Дел од бегалците кои чекаат повеќе од една недела велат состојбата на грчка територија секој ден е полоша, храна скоро и да нема, а тензијата постојано расте.

-Овде станува многу тешко, бројот на луѓето постојано се зголемува. Веќе нема доволно храна, а немаме доволно пари да купиме. Трпението на луѓето веќе е при крај бидејќи оваа ситуација предолго трае, вели мигрант од Сирија

-Ние доаѓаме од Сирија и Ирак, не сме од Авганистан. Десет дена чекаме да ни биде овозможено да поминеме, сакаме да одиме во Германија, велат мигранти од Сирија

По вчерашниот инцидент проток на бегалци нема, а капијата кај котата 59 низ која тие од Грција влегуваат на македонска територија денеска остана затворена.  Во нејзина близина на  македонска страна се наоѓа и една група од педесетина бегалци кои успеале илегално да влезат на територијата на Македонија , но биле фатени од страна на патролите на полицијата и армијата. Истите треба повторно да бидат вратени на грчка територија, но кога и дали ќе се случи тоа нема информации.

Мирен и скоро празен денеска остана и транзитниот центар Винојуг во кој има  само одколу 120 бегалци кои поради неурдени  документи неможат да продолжат со патувањето.